Осудени ограбувачите на поштарот од Богомила
Во Основниот суд во Велес заврши судскиот процес против тројцата обвинети за кривично дело разбојништво врз поштар од Богомила. Златко Арсовски (30) и Борче Николовски (25) добија по три години затвор, додека Блаже Ѓурчиновски (23) од велешкото село Ореше, доби шест месеци затвор. По сослушувањето на обвинетите, признанието на Ѓурчиновски за тоа како, кога и на кој начин е извршен грабежот, по изјавите на сведоците и материјалните докази, петчелниот Судски совет ги прогласи сите тројца за виновни и изрече вкупна мерка затвор од 6,5 години.
До правосилноста на пресудата Арсовски и Николовски остануваат во притвор. Ѓурчиновски доби најмала казна, бидејќи го призна делото и изјави дека се кае за стореното. Според обвинението, Арсовски како поттикнувач, Николовски како извршител и Ѓурчиновски како помагател на 18 август 2006 го сториле разбојништвото. Николовски и Ѓурчиновски по идеја на Арсовски го нападнале поштарот од Богомила, кој носел пензии во Ореше и му ја одзеле чантата со 265 илјади денари, кои подоцна си ги поделиле.
Првообвинетиот Арсовски и второбвинетиот Николовски се бранеа дека делото не го сториле, дека тоа е одмазда на Ѓурчиновски, бидејќи Николовски му ја презел девојката. Тие во одбрана тврдеа дека имаат алиби, Арсовски седел среде село со командирот на полицијата од Богомила, а Николовски дека со девојката бил на празникот Преображение во Крушево на концерт на Тоше Проески. Нивните адвокати Коста Нојков и Саво Коцарев, незадоволни од изречените пресуди, најавија жалба. (С.Ќ.Н.)
|