Мислења
Претпазливост над конфронтација
Давид Игнатиус
Администрацијата на САД го гледа наследникот на Путин, претседателот Медведев, како човек кој разбира дека иднината на Русија е како сила на 21 век
Во месецот по руската инвазија на Грузија, администрацијата на Буш изработи политика што треба да задоволи некои либерални критичари и да ги вознемири конзервативните тврдокорни струи - воздржан пристап што се обидува да им помогне на Грузијците да закрепнат, без да ја турка Русија понатаму во ќош.
Стратегијата за Грузија се потпира на заедничкото работење со европските сојузници и избегнување унилатерални американски воени закани кои би ги исплашиле нив. Исто така, таа е подготвена и се базира на претходните грешки на администрацијата во справувањето со непостојаниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој ја подготви сцената за неразумниот напад на 7 август врз Јужна Осетија, што пак испровоцира казнена реакција од Русија. Накусо, тоа е политика која дестилира некои од лекциите на надворешната политика научени во најдобриот период од претседателствувањето на Буш. Нејзините контури, доволно интересни, дискутабилно се поблиски до тенденциите на првичната, претпазлива реакција на Барак Обама за грузиската криза отколку до поконфронтацискиот пристап на Џон Мекејн.
Централен дел на политиката беше минатонеделната најава дека САД ќе испратат хуманитарна помош и помош за реконструкција на Грузија од една милијарда долари – но, нема веднаш да обезбедат нова воена помош за обнова на грузиската армија, како што се надеваа некои во Тбилиси и во Вашингтон. Посетата на регионот на потпретседателот Чејни минатата недела, со покажување на знамето, и' даде на политиката воинствено покритие и беше со намера да ги зајакне соседите на Русија. Меѓутоа, политиката е повеќе за избегнување нова студена војна отколку за поттикнување.
Фокусирајќи се на цивилната помош, администрацијата испраќа неколку пораки: ги убедува Европејците дека тоа нема да ја милитаризира грузиската криза и да ја претвори во американско-руска конфронтација, а во исто време го предупредува Саакашвили да се движи бавно и да избегнува нови самопоразувачки провокации против Москва. Претставници на администрацијата стравуваа дека грузискиот лидер ја направи токму таа грешка кога побара брзо вооружување во средината на август.
Сигналот за кој се вели дека Буш го испраќа до Саакашвили е: „Ние сме со тебе. Сериозно ги сфаќаме твојот опстанок и интересите. Но, биди паметен. Не давај и' изговор на Русија“. Таа порака за бавно движење делумно е одраз на фрустрациите на администрацијата што Саакашвили го игнорираше повторуваниот совет во последните две години - да не ја провоцира Руси��а околу спорните региони Абхазија и Јужна Осетија. Со оглед на тоа што и' ветија на Москва дека САД ќе го контролираат и воздржат Саакашвили, претставниците на администрацијата беа разочарани од неговиот напад на 7 август врз Јужна Осетија, за кој веруваат дека беше обид да се создаде непроменлива ситуација пред да можат Русите да одговорат. Американски претставници се сомневаат во тврдењето на Саакашвили дека Русите веќе ги движеле единиците низ тунелот Роки, кон Јужна Осетија, кога Грузија го започнала нападот.
Поголемата дилема со која се соочува администрацијата е како да и' покаже на Русија дека направила сериозна грешка со нападот врз Грузија, без да ја натера Москва да се чувствува уште поизолирано и агресивно. Според мислењето на претставниците на администрацијата, нова Русија е со едната нога во 21 век и со се' поголем удел на глобалниот пазар. Меѓутоа, Вашингтон смета дека премиерот Владимир Путин, кој ја води политиката за Грузија, е со другата нога во 19 век - со старомодна мистика на „голема сила“ за интересите на Русија, во која тој ја гледа контролата на физичкиот простор како клуч за безбедноста и стабилноста.
Русија плати висока економска цена во последниот месец за атавистичката стратегија на Путин. Руската рубља значително падна, принудувајќи ја централната банка да интервенира за да ја зајакне валутата. На Руската берза, исто така, имаше паѓања, при што реперниот индекс РТС загуби вредност од околу 290 милијарди долари од 7 август. Исплашени од авантуризмот на Путин, инвеститорите повлекоа 21 милијарда долари од земјата во последните неколку недели, се дознава од извештајот на „Голдман Сакс“ цитиран во „Фајненшел тајмс“.
Администрацијата сака да го задржи Путин да не ја води Русија на работ на гребенот. Тие го гледаат неговиот наследник, претседателот Дмитриј Медведев, како човек кој разбира дека иднината на Русија е како сила на 21 век. Тие сакаат да избегнат стратегија која ненамерно го поткопува Медведев и го зајакнува таборот на Путин.
Ете, до тоа дојде администрацијата на Буш во нејзината можеби последна криза во надворешната политика: нема ѕвечкање со оружје; нема повици за исклучување на Русија од Групата 8, а ла Мекејн. Наместо тоа, трпеливи напори за соработка со Европа, во партнерство со француските дипломати! И политика што се потпира на идејата дека глобалните пазари на капитал се подобра принуда отколку американското блефирање и фалење.
(Авторот е коментатор на „Вашингтон пост“) |