Македонците повеќе сакаат боледувања отколку работа
Боледувањето, оправдано или не, по се' изгледа станало многу примамливо во последниот период кај македонските работници. Нашите вработени луѓе повеќе сакале да одат на боледување отколку чесно да си го заработуваат лебот во компаниите во кои работат. Фондот за здравствено осигурување веќе најавил поригорозни контроли за тоа како се одобруваат боледувањата во земјава.
Статистиката на Фондот за здравствено осигурување покажува дека во текот на минатата година, за да се покријат социјалните бенефиции на име платено боледување и породилно отсуство, од сметката на Фондот биле потрошени речиси 29 милиони евра, што е за 20 отсто повеќе отколку во 2008 година.
Забележително е дека бројот на породилни отсуства има континуиран постепен пораст, и тоа од 7.800 доделени права на породилно отсуство во 2007 година, до 9.911 отсуства доделени во текот на 2009 година. Во Фондот изјавиле дека станува збор за позитивен тренд на кој најмногу влијаела владината политика за зголемување на наталитетот.
Но, оттаму укажуваат на една негативна појава, на драстичен пораст на боледувањата на работниците. Имено, во 2005 година биле доделени 6.325 боледувања, а лани оваа бројка пораснала на 16.757 боледувања, што претставува пораст од над 10.000 боледувања, или за 265 отсто. Поради овој лош тренд, во Фондот најавуваат засилени контроли во постапката на доделување боледувања. (Д.Р.) |