Во Македонска Каменица полесно се дише
Рестартирањето на рудникот „Саса“ е главна причина за подобар живот
Иван Бојаџиски
МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА - Во центарот на Македонска Каменица доминира споменик во чест на големото дело на рударите, од чиј труд никна новиот, урбано среден модерен град со околу 5.000 жители. На споменикот е запишана мислата: „Од твојот труд белее денот во овој град“. Градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски, не крие дека градот, всушност, живее од „Саса“. Потврда за тоа е фактот дека дури шеесет проценти од општинскиот буџет се полни од концесијата за експлоатација на минералните суровини. Проекцијата во пари на годишно ниво изнесува 60 милиони денари, а 36 милиони се прилив од концесиски надомест.
„Парите ги добиваме редовно. Со нив можеме да ги подобриме условите за живеење во градот, но и во селата. ‘Саса‘ е условот за живот на Македонска Каменица и на ова пасивно подрачје“, вели градоначалникот Митевски. Тој тврди дека зголемувањето на концесискиот надомест од прескромните половина на два проценти значително придонеле за финансиска стабилност на рударските општини. Овие средства овозможиле деблокирање на сметката по цели девет години.
Првиот човек на малата рударска општина тврди дека рестартирањето на „Саса“ помогнало да се стопира одливот на младите од општината кои кога рудникот бил затворен среќата ја побарале надвор од Македонија.
„Миграцијата е сопрена. Младит�� ги наследуваат своите родители во рударската традиција“, појаснува Митевски.
Моментно Општината ги реализира проектите за водоснабдување на Дулица и Стара Каменица, ги продолжи работите на регулацијата на коритото на Каменичка Река, се асфалтираат две улици. Советот на Општината усвои повеќе урбанистички планови.
Тошо Захариевски е прогласен за најдобар рудар на „Саса“. Раководи со товарувач во јамите на рудникот. Тој е задоволен од платата, од односот на раководството, но и од начинот на кој се развива Македонска Каменица. „Тоа што ‘Саса‘ профункционира е доказ дека рудникот е основа на животот во општината. Добрите производствени резултати што ги остваруваме ние рударите се од големо значење. Овде во Каменица сега полесно се дише. Само нека се продолжи така со развојната политика“, вели Захариевски.
Рударскиот град се разубавува, оди напред во урбанизацијата. Дека животот во Македонска Каменица оди по нагорна линија тврди и средовечната Милка Герасимова. Таа завршила Педагошка академија, но не нашла работа во струката. Затоа се вработила во конфекција, но поради ниската плата ја напуштила. Сега работи во една од локалните продавници.
„Преродбата го донесе рудникот. Сепак, градот мора да изгради стратегија и за други стопански активности. Стравувам дека еден ден на нашето рудно богатство ќе му дојде крајот, па тогаш нема да знаеме каде ќе ни биде главата. На таа тема треба да размислува општинското раководство, а да помогне и државата, која добива големи профити од ‘Саса‘“, порачува Герасимова. |