Џагор ги исполни училиштата
И во новата учебна година не изостанаа многубројните проблеми: нерегуларни учебници, руинирани училишта, незадоволни наставници, најави за бојкот на наставата...
Детскиот џагор вчера на првиот училишен ден ги исполни основните и средните училишта во земјава, ставајќи ги барем за еден ден во втор план многубројните проблеми што го следат образованието. Највозбудени, како и секоја година, беа околу 23.000 првачиња и нивните родители, за кои овој ден е пресвртен во животот. Годинава во училиштата се запишани вкупно 306 илјади ученици, од кои 212 илјади основци и 94 илјади средношколци.
Возбудата, сепак, уште денес ќе биде потисната од нерешените прашања со кои ќе се соочат учениците и годинава: повлечени учебници, неквалитетни услови за настава, руинирани училишта, незадоволни наставници, бојкот на наставата...
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, уште еднаш повтори дека не е точно оти се очекува целосен колапс на образованието, бидејќи пред стартот на новата учебна година нема никаков проблем со наставниот кадар, учебниците или со компјутерите. Според него, досега се отпечатени и дистрибуирани околу 80 учебници за средното стручно образование и се очекува најдоцна до крајот на септември да бидат готови сите 300 планирани учебници.
„Не постои земја во светот во која сите проблеми во образованието се решени или воопшто не постојат, бидејќи образованието заедно со здравството ги опфаќа ре��иси сите граѓани во една држава. Во минатиот четиригодишен период во образовната инфраструктура се инвестирани една милијарда и 500 милиони денари за разлика од претходните четири години кога беа инвестирани 500 милиони денари“, изјави вчера Тодоров.
Од Министерството за образование вчера попладне информираа дека била процесирана тужбата за надомест на штета против рецензентската комисија за спорниот учебник по предметот „Општество“ за петто одделение, кој е веќе повлечен од употреба. Покрај ова, комплетно ќе бидат ревидирани, пред се', учебниците од прво до петто одделение, а потоа и другите за основно и за средно образование.
Инаку, во јавните средни училишта, кои имаат слободни места, се' уште запишуваат ученици во прва година. Во 2009/2010 година осмо одделение завршиле 26.105 ученици, а според конкурсот на Министерството за образование и наука, за новата учебна година се обезбедени 35.918 места во јавните средни училишта.
Родителите што нема да ги запишат децата во средно, согласно со законот, ќе платат казна од 1.000 евра, зашто средното образование е задолжително.
И за учебната 2010/2011 година учениците од основно и од средно образование ќе добијат бесплатни учебници. (Д.Р.) |