Фирмите од вчера можат електронски да направат увид во својата даночна картичка. Управата за јавни приходи оваа услуга им ја нуди бесплатно, со поднесување образец до институцијата од која ќе добијат код за нејзино користење.
Во моментов, како што информираше на прес-конференција Мухадин Авдиќ од УЈП, оваа услуга е достапна за оние даночни обврзници кои веќе се регистрирани и ја користат услугата електронско поднесување даночна пријава. Од 60 илјади на кои им е достапна оваа услуга, заклучно со 31 август, ја користат близу 5.000 правни лица. Од Управата посочуваат дека, како и во изминатиот период, ќе работат оваа услуга да ја прифатат што поголем број даночни обврзници. „Електронските услуги УЈП ги воведе во 2006 година, а годинава имаме добар напредок. Во првите осум месеци има 3.429 нови корисници на електронски услуги“, рече Авдиќ
Освен за фирмите, од УЈП најавија дека работат и на проект и физичките лица да можат да поднесуваат електронски даночни пријави. Проектот треба да се реализира во 2011 година, а нивна крајна цел е користењето на електронските услуги да стане и законска обврска. (Ек.Р.)