Македонија ја заврши годината на 76. место
Нашата фудбалска репрезентација ни погоре ни подолу во декември за разлика од рангирањето на ФИФА во ноември
Сашко Ѓ. Димовски
Ништо ново кога е во прашање рејтингот на нашата фудбалска репрезентација. Во најновото рангирање на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), последно за 2010 година, останавме 76. на планетата како и во ноември (во меѓувреме одигравме реми без голови со Албанија во Корча), позиција што ја делиме со Замбија со 441 бод.
Селекцијата на Шпанија, актуелен светски и европски првак, ќе влезе од пол-позицијата во 2011 година (1887 бода). Зад неа е финалистот од годинашниот мундијал во Јужна Африка, Холандија, со 1723 бода. Декемвриското рангирање на ФИФА носи две промени на местата во топ 10. Германија и Бразил се заменија, па сега избраниците на Јоаким Лев се трети, а кариоките четврти. Аргентина (1338), Англија (1195), Уругвај (1152) и Португалија (1090), редоследно, останаа од петтото до осмото место, Египет сега е деветта светска фудбалска нација (1078), најдобрите 10 завршува со Хрватска (1075).
Поранешните Ју-републики најголем напредок бележи националниот тим на БиХ, кој го поправи својот рејтинг за седум места и сега е на 44. што е најголем скок меѓу репрезентациите во првите 50 на ФИФА-листата. Словенија назадуваше за две позиции и годината ја завршува на 17. со 897 бода, Србија е 23. со 837 бода, две места зад неа е Црна Гора со 824 бода.
Русите остануваат најдобри во нашата група во квалификациите за ЕП 2012. Годината 2010 ја завршуваат на 13. позиција на која беа и минатиот месец со 982 бода, Словачка падна за две места и заврши на 20. со 854 бода, а назадуваа уште два од останатите три противници на Македонија. Република Ирска со која не' очекуваат два дуела во наредната година се спушти на 36. место (беше 32) со 681 бод, Ерменија е на 60. (беше 59) со 515 бода, без промена, ама и без бодови е Андора на 202. место.
Од соседите најдобро котира јужниот, Грција, на 11. место со 1016 бода, Бугарија падна за 4 позиции и застана на 49. со 555 бода, најголем чекор назад забележа Албанија за дури седум места и во новата година ќе стартува како 65. во светот со 497 бода. |