Брајант лидер на Л.А. Лејкерс во покорувањето на Вашингтон
„Езерџиите“ славеа со 103:89, што е нивна петта победа во последните шест меча
Фановите на Лос Анџелес Лејкерс дочекаа да го поздрават кам-бекот на Ендрју Бином и притоа да уживаат во триумф на нивните миленици над Вашингтон со 103:89. Коби Брајант, со 24 коша, беше најефикасен кај „езерџиите“ кои втората четвртина ја решија во своја корист со 35:22 за водство на полувреме со 57:46 кое во ниту еден момент во продолжението не беше загрозено. Најголемата звезда на лејкерси „експлодира“ во третиот период во кој уфрли 16 поени поведувајќи ги гостите на плус 22 (92:70), а добар дел од домашните навивачи ги насочи кон излезните врати на арената во Вашингтон.
Бином, кој важи за една од важните алки во составот на Фил Џексон, настапи за првпат оваа сезона, откако во јули беше подложен на операција на колената. Мечот го почна од клупата, на паркетот мина вкупно 17 минути во кои оствари ефект од седум коша и четири скока. За екипата на Лос Анџелерс Лејкерс ова е петта победа во последните шест меча, па затоа и не заостанаа премногу во однос на водечките во Западната конференција, Сан Антонио (20 победи - 3 порази) и Далас (19-5). Прв стрелец кај домашните, во отсуство на повредените Џон Вол и Андреј Блеч, беше Ник Јанг со 21 кош.
Најголема возбуда донесе дуелот меѓу Денвер и Орландо. Домашните славеа со 111:94 иако на шест минути до крајот имаа само пола кош предност (92:91). Но, во завршницата нагетси направија серија од 19:3 за убедлив триумф. Кармело Ентони постигна 35 коша и додаде 11 скока, а по мечот мина многу време одговарајќи на прашања дека ова беше негов последен меч во дресот на Денвер со оглед на шпекулациите што се присутни во јавноста дека ќе биде дел од трампа со Њу Џерси. Кошаркарот на Денвер ги отфрли таквите гласишта како и генералниот менаџер на нагетси, Масаи Ујури.
Резултати: Њу Џерси - Филаделфија 77:82, Вашингтон - Лос Анџелес Лејкерс 89:103, Шарлот - Торонто 97:91, Детроит - Атланта 103:80, Хјустон - Сакраменто 118:105, Денвер - Орландо 111:94, Голден Стејт - Минесота 108:99.
Хауард повеќе нема да забива
на викендите Ол-стар
Моќниот центар на Орландо, Двајт Хауард, се повлече од натпреварот во забивање на најдобрите во НБА лигата. Тоа го потврди и самиот во изјави за американските медиуми.
„Не сакам да учествувам, и други треба да добијат прилика за докажување. Многу пати бев дел од тоа натпреварување што сега е завршена приказна за мене. И онака многу трчам и скокам низ сезоната и кога ќе дојде време за натпревар моите нозе се веќе заморени“, изјави популарниот „Супермен“, победник во забивање на Ол-стар викендот во 2008 година.
Наредниот Ол-стар викенд ќе се одржи во „Стејплс центар“, домот на актуелниот НБА првак, Лос Анџелес Лејкерс. Ревијалниот меч е закажан за 20 февруари. |