Надежите и натаму се надеваат
Младите фудбалери на Македонија, играчи до 21 година и во третиот меч во својата група од квалификациите за Европското првенство не успеаја да забележат победа. Исто како пред неколку дена кога по водството од 1:0 загубија од Англија, се повтори и на средбата со Литванија на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп. А ,се' добро почна за нашите надежи. Веќе во 1 минута, практично по првиот напад кон голот на Литванците Македонија поведе со 1:0 и радост на трибините во Прилеп. Ибраими упати одличен центаршут пред голот на гостите, Муарем беше највисок во тој букет на играчи и со глава ја спроведе топката во мрежата.
Се чинеше дека репрезентативците од Литванија ќе доживеат поток пораз во Прилеп, особено што по овој гол младите репрезентативци на Македонија диктираа темпо, напаѓаа и имаа неколку поволни шанси се' до 57 минута кога Литванците успеаја да го израмнат резултатот. Новиковас, кој беше незадржлив на овој меч, инаку играч на шкотскиот прволигаш Хартс буквално се прошета низ нашата одбрана и со лоб удар го совлада голманот Наумовски.
До крајот на средбата и двете репрезентации имаа уште по неколку шанси, но и двајцата голмани бранеа одлично, особено Черниаускас кој како да имаше стотина раце, одбрани три-четири тешки удари.
По мечот селекторот Бобан Бабунски беше по малку разочаран од ова реми.
„Добро почнавме, имавме надежен резултат, имавме и уште неколку поволни шанси кои не ги искористивме. Сепак, ремито е најправеден епилог на овој меч, иако не ни одговара.
Мечот се одигра на стадионот „Гоце Делчев“ пред околу 300 гледачи. Судеше Валериј Вијаличка од Белорусија.
Македонија: Наумовски, Георгиевски, Божинов, Димитровски, Лазевски, Костенцовски, Станков, Муарем (Стојков), Петров (Ивановски), Ибраими, Несторовски (Фазли). (М.М.) |