Димовски остана без медал на СП
Македонскиот боксер Примислав Димовски не успеа да го направи најголемиот успех во својата кариера со евентуален пласман во полуфиналето на 15. Светско првенство во Милано, кој ќе му обезбедеше најмалку бронзен медал. Подобар од Димовски во четврт-финалето во супертешка категорија (над 91 кг.) беше олимпискиот вицешампион од Пекинг, Жилеи Жанг, кој победи со 6:2. Првата рунда заврши нерешено 1:1 и во неа популарниот Прим ја повреди десната рака, па до крајот на борбата мораше да се служи само со левата, која му е послаба, што на крајот се одрази врз резултатот. Втората рунда Кинезот ја доби со 3:0, а третата со 2:1.
Делбата на петтото место на Димовски е најдобриот пласман на четиричлената репрезентација на Македонија на мундијалот. Мумин Вели испадна во второто коло во категоријата до 51 кг., а Фатлум Жута (75 кг.) и Димитар Ташков (91 кг.) беа елиминирани на стартот. (Р.Д.) |