Број 3095  сабота, 26 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Владата за 2010 планира раст до два отсто - ќе се оствари ли?

Експертите сметаат дека е се' уште рано за прогнози, бидејќи претстојат многу непознатости за реалниот сектор

Нина Нинеска-Фиданоска

Иако се' уште постои голем знак прашалник како Македонија на економски план ќе ја заврши оваа година, Владата веќе кова прогнози за тоа како ќе се движи економијата во 2010 година. Таа очекува наредната година да биде остварен економски раст од 1,5 до два процента. Ова е прва владина информација околу плановите за економските движења за 2010 година, а на македонската јавност и' ја соопшти министерот за финансии Зоран Ставрески, преку интервју дадено за неделникот „Форум“. Се очекува дека ваквите владини прогнози ќе бидат вградени и во буџетот за идната година, чие кроење треба да почне по извесен период.

Македонија, според владините предвидувања, би требало да излезе од рецесијата до крајот на оваа година, а заздравувањето ќе продолжело во 2010 година. „Годинава треба да ја завршиме со негативна стапка од 0,6 отсто, што ако се земе предвид интензитетот на светската криза и фактот дека од 27 членки на ЕУ дури 23 имаат поголем пад на економската активност од нас, јасно е дека ваквите резултати воопшто не се лоши“, изјави Ставрески во интервјуто. Според него, веќе догодина ќе имаме економски раст, кој ќе се движи меѓу 1,5 до два процента.

Дали е реално да се очекува таков раст и дали тој е доволен за Македонија? Едно е јасно, дека Владата, сепак, се освестила за постоењето на економската криза, особено ако се има предвид дека за оваа година на самиот старт прогнозираше економски раст од дури 5,5 проценти, за потоа во неколку наврати да ја ревидира надолу таа стапка.

Економските експерти предупредуваат дека овој момент е премногу рано и неблагодарно да се прават проекции за 2010 година. „Прашањето за тоа каква стапка на раст на бруто-домашниот производ ќе се оствари во идната година влегува во група прашања од доменот на научната фантастика. Далеку е 2010 година за да се каже што било околу економскиот раст. Ова од причина што за реалниот сектор во земјава има навистина нејасна слика за тоа што го очекува и до крајот на оваа година. На пример, не се знае дали ќе има поскапување на струјата во четвртиот квартал од годинава, а неизвесно е и движењето на цената на нафтата, со оглед на тоа дека има најави за нејзино зголемување. Практично, има толку многу непознатости, па е многу тешко блиску да се одреди растот во 2010 година“, изјави за „Утрински весник“ професорот Мирољуб Шукаров од Универзитетот ЈИЕ.

Инаку, според неофицијални информации, кои можат да се слушнат во јавноста, навистина постојат притисоци за зголемување на цената на струјата во четвртиот квартал, иако не е извесно дали тие ќе се реализираат. Исто така, според прогнозите на некои аналитичари, постои опасност цената на нафтата на светските берзи да се искачи и над 100 долари за барел. Тоа воопшто не би било добро за македонските компании, бидејќи ќе се зголемат нивните трошоци. Од друга страна, пак, не се знае дали заживувањето на пазарот на метали ќе се покаже како стабилно и во наредниот период.

„Всушност, и во светската економија се' уште постојат дилеми. На пример, многу светски економисти веќе покажуваат скепса оти би можел да се очекува удар од инфлација доколку продолжат стимулативните пакети. Во секој случај, треба да се почека да се искристализираат конечните заклучоци од средбата на врвот на Г-20“, објаснува професорот Шукаров.

Според овој експерт, идната година, сепак, може да се очекува извесен економски раст, но една од главните причини за тоа ќе биде фактот што оваа година ќе ја завршиме во негатива, така што за идната година ќе има ниска споредбена основа.

Во секој случај, професорот Шукаров смета дека Владата има одредени информации што ние ги немаме, па врз таа основа ги прави и своите проекции за економски раст. Такви се, на пример, сознанијата што ги добива од компаниите кои работат во земјава, но и за некои потенцијални странски инвестиции што се очекуваат за следниот период.

Дали, пак, раст од 1,5 до два отсто е доволен за Македонија, речиси сите експерти се едногласни дека одговорот е не, бидејќи само континуирано одржување на стапки на раст од најмалку пет, шест и седум отсто и тоа во текот на неколку години, можат да придонесат за позначајно намалување на високата сиромаштија, која во 2008 година опфаќаше 28,7 проценти од населението во земјава.


#
Статијата е прочитана 286 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Економија
Груевски ја повика НБМ да ги спушти каматите
Сите „против“ срамните банкарски бонуси, ама договор нема
Најголемата банка има сиромашен директор
Eврото урива рекорди, паника на пазарот
Нова понуда за станбените кредити
„Хуго бос“ ја прекина соработката со „Мура“
Просечната плата во јули 19.763 денари
„С-лизинг“ ќе вложи 10 милиони евра
РВЕ се двоуми околу учеството во „Белене“