Владата молчи за Ахмети, се огласи само Арифи
Ако преткоалицискиот договор треба да биде гаранција дека ДУИ нема да бранува многу, тогаш очекувањата, се чини, се преголеми
Вознемирувачката изјава на лидерот на ДУИ за можно прелевање на кризата од Косово во Македонија како да не ги вознемири многу неговите коалициски партнери, кои деновиве одмораат по напорната политичка сесија и изборот на новата влада.
Барем засега нема реакција ниту од „Илинденска“, ниту од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако Али Ахмети, во интервју за државната косовска телевизија, рече дека не може да биде чувар на мирот во земјава, ако има обиди за промена на границите.
Од владини кругови единствено се огласи новата вицепремиерка за европски прашања, Теута Арифи, која застана зад изјавата на нејзиниот лидер. „Нема да си дозволам да коментирам изјава на мојот претседател, која е политички валидна и вредна за сите нас како членови на ДУИ. Не би сакала изјавата лошо да биде сфатена бидејќи не е кажана со лоша намера и во негативен контекст“, изјави Арифи во интервју за медиумите.
Предупредувачките „куршуми“ што беа истрелани од врвот на владејачката партија на Албанците ја нарушија идиличната слика за обновените релации меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ако преткоалицискиот договор Груевски - Ахмети требаше да биде гаранција дека ДУИ нема да бранува многу во наредниот период, тогаш очекувањата, се чини, биле преголеми.
Ахмети веќе побрза да се амнестира од можна одговорност ако евентуално дојде „до ситуација луѓето сами да се организираат и да не може никој да ги контролира како во 1990, 1999 и 2001 година“. Во очи на прославата на 10-годишнината од Рамковниот договор, поранешниот водач на ОНА предупреди дека не е исклучена реприза на 2001.
Арифи, пак, која подолго време во колумни ги критикува владините политики што доведоа до блокада на интеграциите, овој пат, од позиција на членка во владиниот кабинет, не пропушти можност уште еднаш јавно да потсети дека членството на Македонија во НАТО и во ЕУ нема алтернатива.
„Клучно за Македонија е членството во НАТО, зашто кога ќе станеме или кога би биле членка овие прашања би биле излишни за дискусија“, вели Арифи. Според неа, значајно е територијалниот интегритет на Косово да биде зачуван и тоа е важно не само за Македонија, туку за целиот регион, за да продолжат интегративните процеси, кои, како што вели, се косат со логиката „територијални решенија за етнички проблеми“.
Од ВМРО-Народна партија, политичка база на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, апелираат ВМРО-ДПМНЕ „сериозно да ги разгледа односите со Ахмети и со неговата партија“, а претседателот Ѓорѓе Иванов ургентно да го свика Советот за безбедност.
„Овие последни случувања на Косово и нивното поврзување со Македонија не се за потценување. Во името на нашиот највисок државен интерес, сите сме повикани да ги осудиме и да ги осуетиме директните или индиректните пораки што ги испрати лидерот на ДУИ“, реагира претседателот на ВМРО-НП, Марјан Додовски.
Според него, ако се има предвид улогата на ДУИ во Владата и тоа што од оваа партија е новиот министер за одбрана, изјавата на Ахмети може да се смета и за загрижувачка, а особено е алармантно што се посочува на случувањата во 1990, 1999 и во 2001 година. (А.М.М.) |