Прилепчани ги пријавуваат штетите од невремето
Прилеп - Денеска завршува рокот за пријавување на штетите од невремето што го зафати Прилеп во понеделникот. Според информациите од Општинската комисија за елементарни непогоди, досега околу 65 семејства пријавиле штети што ги предизвикала поплавата врз нивните куќи, а околу 60 други семејства претрпеле штети на земјоделските посеви.
Освен штетите врз куќите и нивите, поројниот дожд и силното невреме раскопаа многу улици и раскрсници во градот, а затрупано беше и едно возил��, кое се наоѓало во близина на потпорен ѕид. Од дождот дојде до понирање на локалниот пат за селата Волково и Прилепец, оштетен е патот кон селото Селце, а предизвикани се и други помали штети.
„Екипите на локалните претпријатија постојано работат на терен, исчистени се 70-ина шахти, отстранет е наносот од земја и камења по улиците, па состојбата во градот полека се нормализира“, вели Мишко Ристески, претседател на Општинската комисија за процена на штети.
Инаку, во последнава година силните и поројни дождови предизвикаа поплавување на централниот дел од градот во два наврата. Повозрасните прилепчани си спомнуваат дека пред 20-ина години Прилеп го зафатило слично невреме. „Беше лето, исто така, од кај истокот, од кај Селце се зададе силна бура, поплавени беа и шахтите.
Излегоа многу глувци што се тркалаа по улиците. Тоа беше страшно. Но, и овој пат беше ужас. Како некој да го носеше дождот. Прст пред очи не се гледаше, мислиш дека потоп ќе не' однесе сите. Речиси еден час бевме во темна бура“, раскажуваат дел граѓани. (М.Т.) |