На Клиниката за онкологија повторно лекови со поминат рок?!
Овој пат е декстроза во која се раствораат лекови или витамини и како инфузија им се даваат на пациентите
Јасмина Јовановска
На Клиниката за онкологија и радиологија повторно им се давале лекови со поминат рок на пациентите. Ако пред еден месец тоа беше лек за коски, овој пат станува збор за раствор декстроза, во кој се за раствораат лекови или, пак, витамини и како инфузија им се даваат на пациентите. Изминатиот рок на растворот сосема случајно го забележал пациент кога требало да прима инфузија во домашни услови со шишиња раствор што ги добил преку дневната болница на клиниката.
„Мајка ми е тежок случај с�� карцином на градата и инфузиите ги прима дома. Кога дојде службата за домашна посета, не сакаше да ја вклучи инфузијата зашто шишето раствор било со еден месец поминат рок“, раскажува синот на 56-годишната болна од Скопје, кој не сакаше да го открие идентитетот, од страв дека неговата мајка може да има проблеми на клиника. Тој не откри колку шишиња раствор добил од клиниката, но рече дека неговиот брат ги вратил сите назад. Семејството беше исплашено што го открива проблемот, па размислуваат дали да го пријават случајот во Министерството за здравство. За секој случај, тие го сликале шишето раствор на мобилниот апарат. Пациентката прашала во дневната болница зошто и' дале раствор со поминат рок, а медицинската сестра во немање одговор само ги кренала рамениците.
„Не само што болеста не' убива туку сакаат да не' дотолчат и со лекови со поминат рок“, се жали пациентката, која боледува од тешка форма на рак на дојка. Дури и медицинските сестри од дневната болница каде што се примаат инфузии не знаеле за растворите со изминат рок. Неофицијални клинички извори велат дека на одговорните во аптеката од клиничката управа им било сугерирано прво да се потрошат растворите со изминат рок.
Лекарите велат дека е опасно да се прима декстроза со поминат рок, дури и поопасно од цитостатик со поминат рок. „Цитостатикот може да не дејствува поради намалената концентрација на активна супстанција, но декстрозата се расипува и во неа може да се развијат бактерии и да се предизвика сепса кај пациентите“, укажуваат лекарите.
Од Клиниката за онкологија велат дека случајот со декстроза со изминат рок го испитуваат зашто не знаат дали вратените шишиња се издадени од нивната клиничка аптека или сака некој да ги намести. „Нашите раствори декстроза се со рок до 2013 година. Шишињата што ги донесе пациентот не знам дали се од кај нас, но вршиме истрага за да се расветли случајот“, кратко ни изјави директорката на Клиниката за онкологија и радиологија, д-р Симонида Црвенкова.
Во Бирото за лекови не знаат за случајот и немаат официјална пријава. Но, оттаму велат дека декстрозата може да се користи само до датумот што е назначен на амбалажата.
Ова е втор пат како на пациентите на Онкологија им се дава лек со изминат рок. Се поставува прашање дали Онкологија станува депонија за лекови со изминат рок. Првиот пат пациент се пожали дека му бил даден лек за коските на кој рокот му истекол во јуни. За таквиот пропуст министерот за здравство, Бујар Османи, ја казни директорката на Онкологија, д-р Симонида Црвенкова, со 15 отсто од плата во рок до шест месеци. |