Без вода и кичевскиот градоначалник
Киро Кипроски
КИЧЕВО - Жителите на Кичево од високите зони и ова лето имаат суви чешми. Проблемот е особено нагласен во попладневните и во раните вечерни часови кога потрошувачката на вода значително е зголемена. Таткото на градот, Благоја Деспотовски, ја има истата мака, бидејќи вода нема и во неговиот дом. Згора на тоа, несовесните граѓани ги полеваат дворните површини и градини.
„Жално е при толку вода да сме жедни. Во овие летни горештини водата е најпотребна, а ние ја немаме ни за пиење, а камоли за потреби во кујната или за капење“, се жали Марија Стојкоска. Таа додава дека семејството со напор успева да го ублажи недостигот од вода.
Кичевскиот градоначалник е категоричен, проблемот со водоснабдувањето мора што побрзо да се реши. „Конкретни активности веќе презедовме. Градежниот факултет од Скопје изработи студија, техничката документација е подготвена, а за реализација се потребни околу осум милиони евра.
Финансиска помош побаравме од надлежните министерства“, вели Деспотовски. Според него, во решавањето на проблемот треба да се вклучат сите општини што со вода се снабдуваат од регионалниот водовод „Студенчица“.
Кичевци се жедни иако има водни ресурси. Во близина на градот се наоѓа изворот Студенчица, од каде што преку регионалниот водовод се снабдуваат неколку општини од југозападниот регион. „На располагање се извори и на многу реки“, објаснува Деспотовски, кој ги оправдува реакциите на своите сограѓани.
„Нивните тешкотии ги разбирам, бидејќи и јас се соочувам со нив. Живеам на шести кат во колективна станбена зграда. Вода нема секогаш, а кога ја има тогаш е со слаб притисок“, објаснува градоначалникот на Кичево.
Проблемот е решлив со реализација на почетната фаза од проектот, замена на дотраените цевки кои се причина при преносот да се губат 60-70 отсто од водата. Од регионалниот водовод „Студенчица“ се одвојуваат 200-300 кубици во секунда, што е доволно, но само во случај кога попатно не би се губеле. За замена на дотраените цевки се потребни околу 700.000 евра. |