Фељтон
Рецидивите на македонскиот етнонационализам (10)
Поединечен и колективен страв
Национализмот е само популистичка антимакедонска покривка
Тодор Атанасовски
Оваа, другата, димензија на стравот на народот редовно ја занемаруваат критичарите, кои често трпеливоста на народот ја дефинираат како кукавичлук или, пак, како наше национално својство. Постои битна разлика меѓу поединечниот страв и колективното стравување, кое не е механички збир на поединечните стравови на луѓето. Во блиското минато, посебно по Балканските, па и по Првата светска војна и потоа, под фашизоидните монархистички окупации и режими, сите нации и етнозаедници во Македонија минаа тежок и пустошен живот (освен дел од Србите). Во дадената глобална ситуација и услови по фашистичките агресии низ планетата (Втора светска војна) беше и можно и нужно македонскиот народ да се крене на вооружена борба и да се нареди во глобалниот фронт и борбата против фашизмот. НОВ и антифашистичката борба е неповторлива и затоа е нужна поголема промисленост и одговорност кога се повикува народот во борба против актуелното авторитарно, теснопартиско и фашизоидно владеење. Затоа и Латас им се потсмева дека оваа власт може да се смени само на уставно пропишан начин - на избори. Секаков друг начин е погубен.
Трето: Во нашиот политички вокабулар, посебно партискиот, а често и во јазикот на бројни колумнисти и аналитичари, речиси непрекинато се шпекулира со поимот „народ“, без поодредено да се каже и да се знае на што точно се мисли. Слично се случува, ако не и уште понагласено, во политичкиот јазик на владејачките формации. Нашата промисленост се' досега не почувствува потреба да се вмеша, па затоа сме соочени со бескрајно народништво и популизам. И покрај тоа што Република Македонија е мала и, да ми биде простено, периферно општество, таа не е надвор од сите развојни трендови. За изминативе две децении и ние доживеавме длабоки промени и ни се случија сериозни деконфигурации, така што феноменот „народ“ веќе го нема некогашното значење. Можеби јас не сум ажурен, меѓутоа единствена јавна опсервација на оваа тема, компетентно и на научно ниво, изложи професор д-р Ѓорѓи Спасов. Тој аргументирано утврди дека со главнината на општествениот бруто-производ во Македонија располага група од десет отсто, а 90 отсто е на ниво на голо опстојување. Според тоа, не само што нема работничка класа во класична смисла, таа е сведена на девастирани групи што талкаат низ улиците (стечајци, невработени и слично), туку еродирал и средниот слој, па и самата класа капиталисти, која е сведена на незначителен број тајкуни (професорот ќе ми прости што преслободно ги парафразирам неговите искажувања). Прашањето е премногу значајно и опфатно за една ваква опсервација.
Четврто: Развластувањето на актуелната автократска управа е значајно стратегиско прашање поради повеќе причини, меѓу кои е и опстанокот на македонската држава и разнебитувањето на македонската нација како нејзин именител. Станува збор за поништување на две врвни придобивки: националната слобода за Македонците и националната држава. Овие придобивки се извојувани во НОВ и антифашистичката борба, кога функционираше стратегискиот концепт. Македонците не можат да се здобијат со национална слобода и со национална држава ако во Македонија не бидат национално слободни оние што живеат во неа до ниво на духовниот капацитет на секоја заедница и поединец. Само во тие услови е прифатлива (за сите) македонската држава како гарант на националната слобода на Македонците и на сите други.
Во овој миг, руинирањето на Македонија како држава е не само антимакедонска политика и прагма, туку и против сите етнозаедници во Македонија. Затоа, она што ни се случува под овој режим не е ниту обичен рецидив на македонскиот национализам. Тој, национализмот, е само популистичка покривка за една реална антимакедонска покривка. Сепак, дури и да е така, развластувањето на водечките формации во овој миг не може да биде цела стратегија ако формациите што претендираат да ја преземат власта немаат визија, чесна намера и програма да ја ревитализираат државата и да ја извадат земјата од калта во која е заглибена. Со ова сакам да кажам дека оживувањето на историски и општествено надминати национализми е многу поопасно и од девијантна политика.
Опсервацијата ќе ја заклучам со едно животно потврдено сознание: во НОВ и антифашистичката борба (1941-1945 година), во овој простор никој не можеше да се приклучи кон големата борба против фашизмот ако во неа здушно и масовно не учествуваше македонскиот народ. Меѓутоа, ниту ние Македонци не ќе ги постигневме високите цели - национално ослободување и сопствена држава, без учеството во таа голема борба на сите други наши етнозаедници. И денес нема разлика: никој во Република Македонија не може да реализира ништо посебно и за себе без Македонците, ама ни Македонците не можат да реализираат никаква своја и посебна цел без другите, ако тоа не е и заедничка цел. (Крај)
(Авторот е воен аналитичар и генерал во пензија) |