Се влошува ситуацијата во Авганистан
Додека ситуацијата на југот - најжестокото боиште меѓу силите предводени од САД и талибанците - останува практично непроменета со „многу висок ризик“, таа е влошена во 16 области на север и исток
КАБУЛ - Доверливи мапи на ОН покажуваат недвосмислено влошување во безбедноста во делови од Авганистан во текот на оваа година и покрај тврдењата од Белата куќа дека нејзината стратегија дава резултати, објави вчера „Волстрит џурнал“. Весникот споредуваше две мапи на ОН, на едната беше прикажана ситуацијата во почетокот на овогодинешната воена сезона во март, а на другата кон нејзиниот крај во октомври. Додека ситуацијата на југот - најжестокото боиште меѓу силите предводени од САД и талибанците - останува практично непроменета со „многу висок ризик“, таа е влошена во 16 области на север и исток, подвлекува весникот.
Американскиот претседател Барак Обама во почетокот на овој месец ја обелодени оцената на стратегијата во војната, една година откако нареди испраќање дополнителни 30.000 војници во борба за да се подготви теренот за планираното безбедносно предавање на овластувањата во рацете на авганистанските сили во 2014 година. Обама ја опиша стратегијата како „во вистинска насока“, но предупреди дека добивките се кревки. Ограничено повлекување на силите се очекува да почне во јули 2011 година. Во Авганистан има околу 140.000 војници на НАТО, две третини од нив се од САД, кои водат деветгодишна борба со талибанците.
„Волстрит џурнал“ објави дека на мапата од октомври се гледа дека 16 области во северниот и источниот дел на Авганистан имаат „високоризичен статус“, а кој претходно беа сметани за побезбедни реони. Областите се во провинциите Бадгис, Сари Пул, Балк, Парван, Баглан, Саманган, Фарјаб, Лагман и Такар.
Весникот додава дека само две области кои претходно биле посочени како високоризични - една во Кундуз на север, и друга во Херат, на запад - добиле рејтинг за побезбедни во октомври. Аналитичарите предупредуваат дека насилството на север станува се' полошо и покрај тоа што упориштето на талибанското востание е на југ.
Весникот објавува дека Обединетите нации ги користат мапите за да ги проценат опасностите при движењата и за правење шеми низ Авганистан. Портпаролот на ОН во Авганистан изјави дека не ги видел мапите кога бил контактиран од АФП. (АФП) |