Број 3468  вторник, 28 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Свет

Преку контролен пункт до Светата земја

Политиката го расипа расположението на христијаните
кои за Божик заминаа за Витлеем

ЕРУСАЛИМ - Голем број туристи уживаа во божикните светла со кои беше украсен плоштадот „Мангер“ во Витлеем, додека чекаа на ред да влезат во Црквата на Христовото раѓање. „Ако сте христијанин од Нигерија ќе сакате да го видите местото каде што бил роден Исус. Се' што сте читале во Библијата, ќе видите дека било реалност“, вели возбудливо Аџибоје Бола.

„Беше многу важно да се дојде тука од историски причини, поради нашата култура“, додава Пол Шакнер од Флорида.

Израелското Министерство за туризам соопшти дека 2010 е рекордна година. Се очекуваат 3,4 милиони туристи, од кои 2,4 милиони христијани, да ја посетат земјата до крајот на декември. Според официјални претставници, половина христијани што пристигнуваат во Израел патуваат во Витлеем на окупираниот Западен Брег.

Израелскиот заменик-генерален директор за туризам, Рафаел Бен Хур, инсистира дека неговото Министерство „не води политика“ и ги нагласува економските бенефиции од соработката со палестинската власт. „Немаме никакви спорови кога станува збор за верниците во светата земја, бидејќи ова е мост на мирот. Со сета почит кон политичарите, сакам да кажам дека е многу тешко да се подели светата земја. Не можете да му кажете на некој гостин ’дојди во Ерусалим, но не доаѓај во Витлеем’“, вели тој.

Сепак, поради безбедносната загриженост на Израел повеќето туристи мора да влезат во палестинскиот град Витлеем од Ерусалим, да поминат преку израелски контролен пункт и ѕидот со кој се поделени, висок осум метри, кој се наоѓа околу градот. Се очекува околу два милиона посетители да го посетат Западниот Брег во 2010 година, а палестински претставници истакнуваат дека улогата на политиката не треба да се потценува. „Постојат многу прашања што се длабоко вкоренети во политичкиот конфликт“, вели палестинскиот министер за туризам, Калуд Дибес. „Окупацијата не може да се разубавува. Израел се' уште го монополизира туризмот за свои бенефиции и врши голем притисок врз наша страна“, додава тој.

Израел, кој ги окупираше Западен Брег и источен Ерусалим од 1967 година, остро го ограничува движењето на луѓето во палестинската територија, повикувајќи се на безбедносни причини. Дибес вели дека Израел, исто така, ги контролира археолошките локации во земјата за кои Палестинците имаат претензии, и не дозволува да имаат сопствен аеродром.

Во пештерата под Црквата на Христовото раѓање израелскиот водич, Мајки Хореш, покажува кон ѕвездата со која е обележано местото каде што бил роден Исус. Тој прв пат водел тура пред 15 години, но потоа имаше долга пауза. Израелските власти не им дозволуваат на израелските водичи да влегуваат во окупираниот Западен Брег поради безбедносни причини, по палестинските бунтови или интифади. Дури оваа година Хореш е еден од околу 100 водичи и возачи на автобуси што добија специјална дозвола од државата да го посетат Витлеем, како дел од пилот-проектот.

„Навистина ни недостасува, бидејќи тоа е дел од турата на верниците. Моравме да ги испраќаме туристите преку границата, преку контролниот пункт, на пасошка контрола, а потоа да влезат во палестински автобус и да им се придружи водич. Не знаевме што се случува“, вели тој.

Палестинските власти сега сакаат да се олеснат условите нивните овластени водичи да работат во Израел, што е во согласност со договорите што ги потпишаа двете страни. Наместо тоа, тие се загрижени дека ограничувањата би можеле да се зголемат и да ги погодат дури и оние со израелско жителство што живеат во арапскиот источен Ерусалим.

Неодамна група израелски членови на парламентот предложија закон со кој се бара големите тури да опфаќаат разгледување околу Ерусалим во организација на израелски државјани. Тие тврдат дека Палестинците би можеле пристрасно да ја презентираат историјата. Нацрт-законот беше повлечен, но претседателот на синдикатот на водичите во источен Ерусалим и на Западен Брег, Самир Бабах, инсистира дека сомневањата не се оправдани. „Тоа е очигледно за туристите, тие знаат се', не се глупави. Знаат дека постои полит��ка, контролни пунктови и ѕид на поделба. Кога ни поставуваат прашања за тоа, ги молам моите колеги да не навлегуваат многу во политиката, не затоа што Израелците ни го диктираат тоа, туку бидејќи повеќето туристи се на аџилак. Тие сакаат да знаат за духовноста“.

Иако туризмот е многу политизиран, има групи што се обидуваат да ги премостат поделбите. Откако триесетина Израелци пристигнаа во Витлеем, им се придружија повеќе од десетина Палестинци од Ерихон и заминаа во заедничка тура. Тие ја разгледаа црквата, имаа заедничка закуска, а потоа беа однесени во камп за бегалци за да се запознаат со луѓето што живеат крај ѕидот на поделбата. „Го гледам од другата страна кога се возам дома, но никогаш не сум видела одблиску, со сите графити на него“, рече една жена од Ерусалим.

Иако на израелските државјани вообичаено не им е дозволено да патуваат во окупираните територии, агенцијата „Визитс-2 Палестина“ има воена дозвола да ги прошета. „Мина една година и мило ми е што можам да кажам дека речиси илјада Израелци оттогаш ги посетија Витлеем и Ерихон“, вели коосновачот Ноа Мајман. „Повозрасната генерација, онаа на нашите родители, луѓе на 50-ина и 60-ина години, за нив е сосема регуларно, бидејќи и порано беше така. Но, за помладата генерација, која беше изложена на терористички напади и страв, сосема е поинаку самото тоа што можеме да дојдеме тука“.

За Палестинците што не можат слободно да го посетат Израел, шансите да запознаат Израелци што не се во униформа се дел од предизвикот. На средбите има искрена размена на традициите, на храната и политиката. Посетата завршува така што целата група ужива во традиционална арапска музика и танцување во едно кафуле. Иако зголемениот туризам од ваков вид е многу далеку, сепак, е поттик како може да се приближат двете страни. (Би-Би-Си)


#
Статијата е прочитана 474 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Санадер одби да и' биде предаден на Хрватска
Ходорковски ќе одлежи и за украдена нафта
Три брачни двојки за кои зборуваше цела Германија
„Политика“ шири расистички клевети
Се влошува ситуацијата во Авганистан
Јадранка Косор смени четворица министри
Шиндлеровата листа на продажба
Бомбаши убија 14 лица
 

What will 2011 bring for the Western Balkans?
Last news update on WAZ.EUobserver
Croatia moves closer to concluding EU accession talks