Нови книги
„Кој го уби Паломино Молеро?“ Од Марио Баргас Љоса, „Слово“, 146 страници
„’Кој го уби Паломино Молеро?‘“ го напишав поради гневот што го предизвика во мене убиството на еден млад регрут од воздухопловната база во Талара, мистериозно убиство забошотено од официјалната бирократија,“ вели авторот Љоса. Во уводот на книгата, тој пишува: „’Кој го уби Паломино Молеро?‘ го напишав поради гневот што го предизвика во мене убиството на еден млад регрут од воздухопловната база во Талара, мистериозно убиство забошотено од официјалната бирократија“. Ова е силен роман во кој се проткаени неизвесност и напнатост низ целата содржина. Во таквите околности, вистината се претвора во повеќе вистини што се мешаат во неверојатна игра на огледала. Преку атмосфера што восхитува и привлекува, оваа книга верно го прикажува амбиентот на една епоха и падот на моралните вредности на човекот.
„Граѓански простор“ Од Томислав Османли, „Блесок“, 312 страници
Авторот на оваа студија се зафатил со обработката на кај нас досега непозната публицистичка, есеистичка и теоретска тема: граѓанскиот простор не како локација туку како духовен амбиент во кој се развиваат граѓанските вредности и нивниот историски континуитет. Интересирањето на авторот за феноменот на граѓанскиот простор и систем на вредности, потекнува од констатацијата дека тој е повеќекратно дефицитарен кај нас, при што Томислав Османли на самиот почеток на својот релевантен ракопис забележува: „Се' повеќе ми се чини дека сите наши проблеми доаѓаат оттаму што на валиден начин не сме поминале низ една битна социјална и историска институција, граѓанскиот салон“.
„Описот во прозата“ Од Луси Караниколова, „Феникс“, 490 страници
Основна цел и задача на овој труд е да одговори на прашањата: што е тоа опис, каков е неговиот статус во раскажувањата, зошто и како постои таму и кој е неговиот мотив воопшто да постои. За да одговори на тие прашања, мора да се потруди да препознае црти на опис таму каде што малку се гледаат или се по правило невидливи. Одговорите на тие прашања се исцрпни, убедливи и јасни. Често изненадуваат со својата храброст кога, по правило, не' присилуваат да видиме дескриптив таму каде што сме навикнале да гледаме наратив. Кога пак минува од опис на опис и неговата систематика на инстанца смисла на тие описи или интерпретација, таа е помалку убедлива затоа што таа дисциплина се повикува на други инструменти.
„Вистински приказни“ Од Владимир Плавевски, „Македоника литера“, 211 страници
Книгата содржи 14 раскази што се однесуваат на вистински настани и вистински личности од македонскиот театар и филм: Петре Прличко, Тодор Николовски, Шишков, Бранко Гапо, Дарко Дамески, Ацо Алексов, Ненад Стојановски, Димитар Христов, Душко Костовски, Илија Милчин, Андреј Бељан, Марија Исаја, Боре Ангеловски... Секој текст е проследен и со уметничка фотографија на главниот лик во расказот, направен од авторот на книгата. Владимир Плавевски досега објавил девет книги, автор е на сценарија, според кои за Македонската радио-телевизија досега се снимени повеќе од 40 епизоди од играни серии. За Македонското радио му се снимени девет радиодрами.
|