„Сестрата на Зигмунд Фројд“ ги освои издавачите
Италијанскиот издавач „Гуанда“ со седиште во Милано и во Парма, во септември годинава ќе го објави на италијански јазик романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски, соопшти издавачот „Дијалог“.
Во промотивниот материјал за годинашната издавачка продукција „Гуанда“, се истакнува дека романот на Смилевски е издавачки настан на годината, прецизирајќи дека „настанот на годината доаѓа од мала балканска земја“ и дека „романот на младиот македонски автор ги освои издавачите од цел свет“.
„Поради повеќеслојноста на стилот, ерудицијата и прецизноста, творештвото на Гоце Смилевски веќе предизвика споредби на авторот со Гинтер Грас, Орхан Памук и Жозе Сарамаго“, подвлекува „Гуанда“.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски минатата година ја доби Наградата за литература на Европската унија што ја доделува Европската комисија во соработка со Европската федерација на издавачи. Досега делото го откупија за објавување повеќе од 20 издавачи во светот. (Н.П.) |