Стоби - училиште за студенти од Палестина и Македонија
Реставриран раноримски мозаик вчера беше вратен на првобитното место
Истражувањата на објектот Римски форум на археолошкиот локалитет Стоби, летово го привлекоа вниманието и на студентите од Палестина и Македонија, кои под раководство на конзерватори од двете земји и Италија, во рамките на актуелниот тренинг за реставрација и конзервација, вчера враќаа дел од реставриран мозаик на првобитното место. Мозаикот е откриен пред 30 - тина години, на просторот каде од 2005 година Музејот на Македонија во соработка со невладината организација ЧИСС од Палермо и Националниот конзерваторски центар, реализира проект за археолошка и туристичка валоризација.
Досега на проектот се потрошени 180. 000 евра, средства добиени од градот Палермо и италијанското министерство за надворешни работи, но, иако беше предвидена, поради ненадминатите несогласувања меѓу Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство, не е извршена реконструкција на музејска зграда, со дополнителни 35- 40 илјади евра. Под услов несогласувањата да се надминат, италијанските партнери се заинтересирани за продолжување на проектот што треба да заврши во септември. Тие, според претставникот на ЧИСС во Македонија Горан Бошков, се задоволни од многуте досегашни откритија, каде спаѓа и вториот, од земјотрес урнат кат на објектот, со кој раноримската градба покажува дека била висока 12 метри. Меѓу последните откритија се и впечатливите скалила кои од западната страна водат до објектот каде во овие топли денови се одвиваат археолошките истражувања. (К.Б.) |