„Хасанагиница“ – претстава за еманципацијата на Балканот
Албанскиот театар премиерно ќе ја изведе емотивната драмска класика на Милан Огризовиќ
Лилјана Митевска
Емотивната драмска класика на Милан Огризовиќ, познатата „Хасанагиница“, во режија на Сашо Миленковски, утревечер, во 21.30 часот, премиерно ќе биде изведена на „Скопско лето“ во специфичниот амбиент на Куршумли-ан. Претставата, која е во продукција на Албанскиот театар од Скопје, е прва театарска премиера која се реализира во рамките на оваа манифестација.
„Ова е прва драма во чиј фокус е муслиманската жена која потекнува од патријархално семејство и која го третира односот меѓу мажот и жената“, вели режисерот Сашо Миленковски.
Поточно, „Хасанагиница“, која влече корени од истоимената босанска народна песна, е балада за истераната жена. И ако фокусот во народната песна е ставен на мајчинската љубов на Хасанагиница, одвоена од своите пет деца и принудена на повторна мажачка, во фокусот на драмата на Огризовиќ е емотивниот конфликт меѓу мажот и жената и проблематиката на брачниот однос. „Хасанагиница“ е безвремена, сурова приказна за две суштества осакатени од тврдите патријархални норми, фатени во стапицата на сопствениот карактер и воспитување, толку силно, што ниту можат да се разберат ниту да допрат едно до друго, по цена на самоуништување.
„Ако многупати досега овој текст е гледан како текст во чија основа лежи проблематиката на женската еманципација, во оваа претстава проблемот се позиционира на друго место – на полето на машката еманципација на Балканот“, вели режисерот Миленковски. Денес, токму ова е клучниот проблем кај патријархалните заедници на овие простори, и токму затоа ова е главната идејна оска на претставата.
Како што може да се претпостави, со оглед на раскошниот емотивен контекст кој доминира во оваа драма, режисерската интервенција базира пред се' на актерската игра. Притоа, интересно е да се напомене дека идејата за поставката токму на овој текст во Албанскиот театар потекнала од главната актерка во „Хасанагиница“ која ја толкува истоимената улога, Теута Ајдини – Јегени. „Приказната на Хасанагиница е многу блиска до публиката. Станува збор за реалистична драма со огромен емотивен капацитет која логично во својата кариера ја посакува секој актер и која истовремено привлекува голем број на публика“, вели Јегени. Покрај неа, во „Хасанагиница“ настапуваат: Сефедин Нуредини, Веби Ќерими, Амернис Нокшиќи, Елхаме Билали, Илбер Муртези, Бесфорт Идризи, Блерим Дарлишта и Висар Етеми. Сценографијата за претставата, која всушност ќе може да се види на сцената наесен, бидејќи изведбата во Куршумли-ан природно ќе го долови амбиентот на Хасанаговите кули, е дело на режисерот Миленковски, костимите се на Агнеса Мухареми, а музички кореограф е Оливер Јосифовски. |