Хераклеја доби осветление и електронска заштита
Италијанската влада донира 130 илјади евра за заштита на културното наследство на бисерот на македонската антика
БИТОЛА - Бисерот на македонската антика, археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, од синоќа е осветлен и заштитен со електронска ограда, со контролиран влез, а пред секој објект стои нова современа сигналитика со легенда со која се очекува подобрување на комуникацијата на посетителите со ископаните и презентирани структури. Сето ова, односно заштитата и валоризацијата на културното наследство на Хераклеја е направено со помош на италијанската влада која донира 130 илјади евра.
Намерата за адаптација и реконструкција на просторот од источната страна на театарот, дигна многу врева од самиот почеток, особено по првичната најава на раководството на Завод и музеј дека на Хераклеја ќе се гради кафетерија каде ќе се служат алкохолни и безалкохолни пијалоци, чај и кафе. Но, под притисок на медиумите и јавноста, намената на овој објект кој е сместен во срцето на локалитетот, се преиначи. Новиот мултинаменски простор ќе се користи за изложби на музејски експонати, кои ги има повеќе од десет илјади предмети сместени во депото на музејот. На завршницата од рехабилитационите работи, во Хераклеја присуствуваа голем број гости од Италија, претставници на владата, дипломати во нашата држава, археолози, културни работници.
Инаку, во рамките на проектот „Активности за заштита и валоризација на археолошките наоѓалишта во РМ“, од вчера во Битола се одржува семинар за конзервација на мозаиците на кој, италијанскиот експерт Паоло Ракањи, на македонските колеги им го пренесе своето искуство за третманот на мозаиците. Според Ракањи, конзервацијата на мозаиците е крајно сложена постапка, токму поради фактот што структуралните интервенции треба да се изведат на лице место.
„Пред се', мозаиците не се создадени за да бидат на отворено, се работи за сложени декоративни циклуси кои ги има и на згради и на поголеми зданија. Што се однесува до конзервацијата пак, постојат големи риз��ци, тоа се биохетерогени агенси кои не можат на ниту еден начин да бидат отстранети туку само контролирани. Да се сочува мозаикот значи да се одржува постојано. Концептот е едноставен, исто како што ја одржувате вашата соба“, препорача Ракањи. Што се однесува конкретно до мозаиците во Хераклеја кои ги има во поголем број на овој антички локалитет, италијанскиот експерт предлага тие да се заштитат од директна светлина од влијанието на сонцето, за да не затемнат самите мозаични камења.
За битолските археолози, иако признаваат дека крајно време е да се размислува за заштита и презентација на подните мозаици во Македонија кои се зачувани од раноримскиот период, антиката, па дури и од средновековието, сепак заштита со монтажен покрив над мозаиците ќе значи нагрдување на локалитетот. „Највпечатливи се мозаиците во Хераклеја каде што на површина од 1.300 квадратни метри се концентрирани вакви структури каде што доминира изворот на животот. Меѓутоа, ако ставиме настрешници на секој мозаик, ќе ја нагрдиме визурата на локалитетот. Затоа, се надевам дека на оваа работилница на која присуствуваат голем број на експерти од Европа, ќе се најде начин како да се заштитат мозаиците, а сепак да бидат достапни за постојана презентација“, изјави Аница Ѓоргиевска, археолог кој 23 години работи на истражување на мозаиците во Хераклеја.
Во рамките на италијанскиот проект, влегуваат и активностите на археолошките локалитети Стоби и Скупи, каде што акцентот исто така е ставен на две цели - заштита на самите пронаоѓалишта и осветлување, со што ќе се овозможи и ноќна посета на локалитетите. Во исто време, проектот предвидува и дополнителни активности обука на персоналот.
Проектот „Заштита и валоризација на археолошките локалитети во Македонија“ е финансиран од ИМГ. Тој започна во 2007 година кога италијанската влада одобри три милиони евра - средства наменети за децентрализација во културата, образованието и едукацијата. (А.Б.) |