Последен збор
Борис Стојчев 1924 - 2010, научник
Во Торонто на 15 април во 86 година од живот почина канадскиот научник со светско реноме од македонско потекло, акедемик Борис Стојчев. Академик Стојчев е роден 1924 година во Битола, а на седумгодишна возраст со родителите емигрира во Торонто. Во 1948 година докторира на катедрата по физика на универзитетот во Торонто. Стана познат по своите истражувања во 50-тите години од минатиот век во областа на раман спектографијата и првпат во Канада тој објави научни трудови за спектарот со висока резолуција.
Борис Стојчев е и првиот изумител на ласерот во Канада и тој вложуваше напори за негово искористување во спектроскопијата. Од 1964 година е редовен професор по физика на елитниот Универзитет на Торонто, се' до 1989 година кога се пензионира.
Во знак на признание и почит за неговите високи научни и педагошки достигнувања на професорот Стојчев му беше дозволено да ги задржи професорскиот кабинет и лабораторија на Универзитетот во Торонто и да продолжи да работи се' до смртта.
Родната Македонија му се оддолжи на Стојчев прогласувајќи го за член на МАНУ од надворешниот состав. Тој е добитник е на највисокото признание „Офицер на Редот на Канада“ за своите дострели во физиката, а беше почесен професор и член на многу универзитети, академии на науки и научни и стручни асоцијации ширум светот.
Борис Стојчев ќе остане запаметен во македонската заедница во Торонто како дарител и поддржувач во многу прилики, а, пред се', на „Канадско-македонското место“, дом за стари лица за македонски доселеници.
Смртта на академик Борис Стојчев беше причина во саботното издание на највлијателниот канадски дневен весник „Торонто стар“, што излегува во тираж од над 500.000 примероци, да биде објавен голем некролог со негова фотографија во кој, освен големите научни достигнувања, се нагласува дека тој беше и „силен поддржувач на македонската заедница“. |