Градоначалниците обединети против конфискацијата
Локалната власт тврди дека спорниот член од Законот за градење е неприменлив, а одземените дивоградби ќе бидат неупотребливи
Билјана Ангеловска
Им претстои ли на граѓаните нова национализација, или државата, сепак, ќе го послуша гласот на народот и ќе се откаже од намерата да го конфискува земјиштето и целиот објект на кој е дограден дел без соодветна документација? Набрзо ќе се знае дали државата ќе стекне право на нови квадрати земјиште кои засега се' уште се во приватна сопственост. Власта брза да ги донесе најновите измени на Законот за градење со кои се дава можност да се конфискува бесправно изградениот објект, како и земјиштето на кое тој се гради.
Иако спорниот член од Законот веќе извесен период чека на последниот збор на уставните судии, сепак, неговата содржина внесува немир не само кај граѓаните, туку и кај луѓето кои се на чело на локалните самоуправи. Речиси сите градоначалници имаат идентично мислење околу оваа законска одредба и како ретко кога досега, и оние од власта и оние од опозицијата, се согласни дека доколку остане член 138 не само што нема да го реши проблемот со дивоградбите туку уште повеќе ќе го усложни.
Спорниот член 138 од Предлог-законот за градење, всушност, му дава можност на градежниот инспектор да забрани отуѓување на нелегално изградените делови од градбите. Истовремено, забраната и' овозможува на државата да ја конфискува градбата, но и земјиштето доколку во рок од три години инвеститорот не постапи според одобрението за градба.
„Конфискацијата не е нова одредба во Законот, таа важеше и пред да бидат предложени последните измени и за истиот член Уставниот суд констатираше дека е во согласност со Уставот. Оваа одредба не се однесува на објекти кои се изградени на локации што не се опфатени во градежен реон и со ДУП, туку на објекти што отстапуваа од добиеното одобрение за градење“, се вели во одговорот на изготвувачот на предложениот закон, Министерството за транспорт и врски.
Но, градоначалниците не го делат мислењето на законодавецот. Некои од нив отворено се спротивставуваат на предложената одредба, други, пак, се обидуваат со аргументи да ја образложат нејзината неприменливост. Но, сите со заеднички став дека тешко ќе се спроведува Законот во спорниот член. Објаснувањата се дека конфискуваните објекти ќе бидат неупотребливи, бидејќи, со оглед на тоа што се градени на диво, прво ќе мора да се легализираат за да се пренесе нивната сопственост врз општините, па дури потоа да се пренаменуваат. Исто така, сосем е недефинирана нивната натамошна намена, бидејќи, според градоначалниците, во најголем дел тие се индивидуални објекти за домување, а не ретко и супстандард, што само по себе значи неупотребливост.
„Тешко ќе оди кога ќе бидеме во ситуација да го имплементираме законот, бидејќи најголем дел од објектите се супстандардни мали куќарки за кои е извесно дека потешко може да имаат каква било примена. Конкретно, во Велес, некои од нив се стари по 30-40 години и се наоѓаат во највисокиот дел на градот, градени се без инфраструктура, а што е најважно се наоѓаат на државно земјиште. Значи, ем објектот нема никаква вредност ем е на државно земјиште, неупотреблив е. Не знам како Општината ќе го стави во функција, едноставно, нема што да прави со него. Некаде можеби е лесно мерливо што е нелегално, а градено со комерцијална намена. Но, објектите во Велес не се градени за да се продаваат, туку заради егзистенција и тие не може да служат за која било друга намена. Затоа сметам дека прво треба да се донесе закон за легализација на бесправната градба, за да се види колку и кои објекти може да подлежат на постапка за легализација“, појаснува градоначалникот на Велес, Горан Петров.
За првиот човек на Струмица, Зоран Заев, добар знак е тоа што некои градоначалници сега го сменија мислењето, а во почетокот послушно ги поддржаа предложените законски измени. Според него, иако ваквите реакции можеби се задоцнети, сепак, се добронамерни и во функција на зачувување на општествените вредности.
„Јас уште веднаш отворено реков дека немам намера да го применам тој член и се залагам за негово укинување. Прво, бидејќи е противуставен, зашто не може да се конфискува цел имот ако куќата е дивоградба. Второ, зашто е неприменлив, оти сите конфискувани објекти ќе треба да се уништат, бидејќи немаат никакви услови да служат како административни објекти. Значи, членот има лоша практична примена. Трето, Македонија е потписник на Виенската декларација која не' задолжува да донесеме закон за легализација на објектите, значи, да не се уништува, туку да се зачуваат материјалните вредности на општеството. Мора прво да се примени позитивниот аспект на решавање на проблемот, а потоа негативниот“, вели Заев и потенцира дека како одговорно лице е подготвен да плаќа и пенали за неспроведување на законот.
И неговиот колега од Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, нема намера да ја спроведува оваа законска одредба. „Тој дел од Законот и одговорноста со задоволство ќе ги пренесам на Владата и на Министерството за транспорт, тие нека конфискуваат. Не сум дојден да конфискувам имот и да уривам. Најважно е дивоградбите да се запираат во корен и да не се прави штета. Сите објекти треба да се запрат уште во темели, а не да се дозволи да се направат трошоци, па потоа да се урива или одзема. Итно треба да се тргне член 14 со кој се забранува легализирање на дивоградбите со ДУП, оти само со ДУП може да се дозволи изградба и нема потреба од носење закон за легализација на дивоградбите. Вака ќе настрадаат индивидуалните градби, зашто многу ретко се градат на диво колективни објекти“, смета Јакимовски.
Градоначалникот на Делчево, Горан Малешевски, е малку помек во ставовите и не е дециден околу издржаноста на предложената законска одредба. За него, најважно е Општината да остварува приходи, се' друго е второстепено.
„Не сум ни против, ни за, јас сум да се поддржат сите одлуки што носат приходи на Општината, а оваа треба да носи. Моментално Општината не добива ништо од таквите објекти. Но, проблем е да се евидентираат тие и прашање е кога ќе се направи тоа. Нема што да се коментира, ако може да се вклопат во урбанистичкиот план и средствата што ќе ги платат нивните сопственици да се внесат во Општината, тогаш е во ред. Инаку, што ако се конфискува, а се води како дивоградба, зар Општината ќе располага со дивоградба? Но, практичната примена на овој закон е врзана со законот за легализација на дивоградбите, кој мора да се донесе. Мора да се даде можност да се легализираат објектите и сопствениците да ги платат давачките, а ако не можат, дури тогаш да се конфискува. Конфискацијата е последна мерка“, вели Малешевски и потенцира дека ќе биде најсреќен ако се донесе закон за дивоградби, оти во тој случај ќе има приходи за неговата Општина во која цели населби се дивоградби.
Предложената правна одредба, која според предлагачот има цел да му стави крај на градењето без дозвола, ги обедини градоначалниците што се противат на конфискацијата. Иако засега отсуствува нивен официјален заеднички став кој би бил презентиран преку ЗЕЛС, сепак, таква реакција би требало да се очекува. Дотолку повеќе што со спорниот член се крши уставно загарантираното право на сопственост. Ќе успее ли овој пат локалната власт да ја разувери централната, останува да се види. |