„Бигорски“ го чека обновувањето
Киро Кипроски
Св. Јован Бигорски - Во наредниве денови ќе почнат градежните работи на санацијата и реконструкцијата на горен палат на манастирот „Св. Јован Бигорски“, кој изгоре во пожарот што се случи на 30 септември минатата година. Огнените јазици ги проголтаа големата машка трпезарија, монашките ќелии, манастирските конаци, библиотеката, кујната, гостинската соба, чардаците, галеријата на икони и други простории. Останаа само камените ѕидови на ова вредно здание изградено на почетокот на 19 век.
Монашкото братство, предводено од игуменот на манастирот - архимандритот Партениј, и верниците се надеваат дека на бисерот на македонското историско-културно наследство и стожерот на македонската преродба од 19 век ќе му биде вратен сјајот пред да избувне пожарот и автентично ќе биде обновен, со сите детали по кој беше препознатлив и уникатен.
Идејниот проект за обновување на изгорениот горен палат на Бигорскиот манастир е завршен, како и поголем дел на основниот проект, а во наредниве месеци ќе завршат и фазите на изведбениот проект. Ова беше констатирано на состанокот на Координативното тело што се одржа во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Како што информираше игуменот на манастирот архимандритот, отец Партениј, во изработката на овие значајни проектни задачи учествувале еминентни професори и стручни лица на Градежниот факултет и од Заводот за испитување на градежни материјали и развој на нови технологии од Скопје, кои по извршените испитувања подготвија стручно мислење на состојбата и за степенот на отштетеноста на конструкцијата и на бетонот на горен палат.
Во рекорден рок вработените на Националниот конзерваториски центар ја завршија стручната анализа и испитувања, со што се завршени планираните активности за превентивните мерки. Со тоа се создадени сите услови да почне санацијата, односно реконструкцијата. Подготвени се сите детали за опожарениот горен палат - детаљно беше премерен и беа направени скици од сите резбарии, камени пластики и слични декоративни елементи, со што при обновувањето ќе се запази автентичноста.
Владата одобри 18 милиони денари и досега собраната помош за обнова на Бигорскиот манастир, од фирми и од поединци се доволни за почетните активности на санацијата. |