Обвинителството нема докази за „Телеком“
Никој не побарал контакт со македонските колеги да се заинтересира за овој случај
Гордана Дувњак
Обвинителството се' уште се мисли како да постапи со аферата за наводното подмитување на високи македонски функционери, кои му овозможиле на „Дојче телеком“ монопол и за дебела провизија спречиле влез на нов мобилен оператор. И покрај тоа што државниот јавен обвинител, Љупчо Шврговски, неодамна најави во изјавата за „Утрински весник“ дека ќе се провери вмешаноста на наши функционери, изгледа тоа не оди толку лесно.
Нема никаква вест од државното обвинителство во Бон дали навистина започнала истражна постапка против шефот на германскиот „Телеком“, Рене Оберман, за корупциски активности во Македонија и во Црна Гора. Никој не побарал контакт со македонските колеги да се заинтересира за овој случај. Спорно во целата оваа ситуација е и колку може да се употребат како доказ мејловите во Интернет-комуникацијата меѓу шефот на „Дојче телеком“ и „домашните партнери“ во Македонија. Бидејќи, според нашата легислатива, овој вид комуникација не претставува доказ, за разлика, на пример, од Америка, каде што можат слободно да се користат во судска постапка. Останува Обвинителството да процени дали треба самоиницијативно да побара дополнителни информации од Германија.
За оваа афера неодамна пишуваше германскиот магазин „Шпигел“. Весникот констатира дека аферата со подмитувањето во Македонија, поради што Државното обвинителство во Бон во средината на септември започна истражна постапка против шефот на „Германски телеком“ и уште седум лица поради можни корупциски активности во Македонија и во Црна Гора, „би можела да му направи многу непријатности на Рене Оберман“.
Како потврда за осомничувањето, иследниците од Бон, наводно, на „Телеком“ му покажале електронски пораки, според кои, и Оберман би можел да биде информиран за преговорите со македонската Влада и за состојбата со тајниот договор. Интересно е што менаџментот на оваа реномирана компанија од светски глас застана зад својот осомничен раководител давајќи му целосна поддршка.
На веста од Германија меѓу првите во Македонија реагираше поранешниот премиер, Владо Бучковски, кој во изјава за А1 телевизија рече: „Не сум корумпиран со пари од ’Телеком’, ниту, пак, имало такви обиди до мене во времето додека бев премиер“.
Инаку, нашите истражни органи водат паралелна истрага во Македонија за четири осомничени лица вмешани во аферата со „Маџар телеком“, фирма-ќерка на „Дојче телеком“, кои се товарат за штетни договори. Сите четири лица се странски државјани, а тројца од нив се во бегство. Во мај оваа година самоиницијативно се јави да даде исказ еден од осомничените и се' уште се проверуваат неговите наводи. Од Обвинителството очекуваат дека до крајот на годинава ќе заврши вештачењето околу тоа за колку е оштетена македонската држава, а колку компанијата „Телеком“. Откако ќе заврши оваа постапка, Обвинителството ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение против осомничените. |