Судскиот совет ги стопира изборот и разрешувањето судии
Се чека на изгласувањето на новите законски измени
Гордана Дувњак
Судскиот совет ги стопираше изборот и разрешувањето судии се' до изгласувањето на новите измени на Законот за судски совет, кои во моментов се наоѓаат во собраниска процедура. Новините се во насока на интервенцијата на Уставен суд, кој неодамна укина повеќе одредби од двата правилника на Судскиот совет, со кои се регулирани постапката за дисциплинска одговорност, како и за нестручно и несовесно постапување на судиите.
Аргументацијата на уставните судии беше дека Советот излегол од своите ингеренции и навлегол во сферата на законодавн��та власт. Укината е речиси секоја трета одредба, меѓу кои и клучната - за начинот на одлучување при изборот и разрешувањето судии, која предвидуваше двотретинско мнозинство. Отстранети се делови што се однесуваат и на можноста за собирање докази, проширување на „истрагата“ во текот на постапката и за други повреди, за времетраењето за доставување жалба до највисокиот суд во државата, кој има обврска да формира жалбен совет за секој случај одделно.
Со ова, практично, Советот призна дека цело ова време избирал и разрешувал судии надвор од законот, а само според спорниот Правилник за нестручно и несовесно постапување досега се разрешени околу 40-ина судии. Укинувачката одлука не се однесува на судиите за кои веќе е завршена постапката. За експертите останува проблематично што ќе се случи со случаите кои се' уште се во тек или, пак, се наоѓаат во фаза на жалбена постапка пред Врховен суд.
„Донесовме заклучок да не се врши избор и разрешување на судии се' додека не се изгласаат новите измени, кои практично се пресликани решенија од двата правилника“, вели првиот човек на Судскиот совет, Васил Грчев.
Останува нејасно и што ќе се случи со двајцата разрешени судии од скопскиот Апелационен суд, Виолета Дума и Владо Џилвиџиев, кои поднесоа жалба до Врховен суд.
Највисокиот суд во државата пред две недели формира Жалбен совет од деветмина члена, но засега имињата не се откриваат, наводно, за да се спречи притисокот врз судиите. Но, од моментот на формирањето на Советот се' досега не е преземена ниту една активност. И покрај тоа што беше најавено дека двајцата разрешени судии ќе бидат повикани на разговор за да ги образложат своите аргументи, сепак, тоа се' уште не е направено. Интересно е да се види колку деветтемина судии ќе ги земат предвид укажувањата на Уставен суд и каков ќе биде нивниот став кон одлуката на Судскиот совет, кој разрешувал по спорни основи.
Прашање е дали молкот на Жалбениот совет треба да се сфати како своевидно тактизирање и купување време, кое се прави за да се почека на изгласувањето на законските измени. |