Заеднички портал на приватните новински агенции од регионот
ОХРИД - Приватните новински агенции од поширокиот регион, членки на Асоцијацијата на приватни новински агенции (АПНА), своите вести ќе ги објавуваат и на заеднички информативен портал. Одлуката за ова е донесена на тридневната средба на членките на АПНА што се одржа викендов во Охрид. Членки на АПНА се 19 приватни новински агенции од 14 држави, кои заедно објавуваат над две илјади дневни вести и информации. На средбата во Охрид е договорена и дневна размена на вести меѓу агенциите. Приватните новински агенции усвоија и декларација за рамноправен пристап до пазарот и до изворите на информирање, која ќе биде упатена до владите во државите каде што работат, како и до меѓународните организации и новинарски асоцијации. На средбата во Охрид за претседател на Асоцијацијата повторно е избран Ристо Поповски од Макфакс. Членови на претседателството на АПНА се Фрок Чупи од агенцијата Алпа од Тирана, Зоран Секулиќ од Фонет од Белград и Павел Урбан од агенцијата Сита од Братислава. (Макфакс)