Со медицинскиот отпад несоодветно се управува и контролира
Македонија нема законски, просторни и финансиски услови за управување со медицинскиот отпад, ниту пак соодветна контрола
Македонија нема законски, просторни и финансиски услови за управување со медицинскиот отпад, ниту пак соодветна контрола над управувањето и третманот со него низ целиот синџир од создавачи на отпадот до уништувачи. Ова е мислењето што Државниот завод за ревизија кое во петокот и' го достави на Владата по извршената ревизија за тоа како во земјава се постапува и третира медицинскиот отпад. Лоцирани се повеќе проблематични подрачја и кај создавачите - здравствените установи и кај транспортерите, уништувачите и инспекторите.
Во здравствените установи се констатирани повеќе неправилности, како на пример, неевидентирање на видот и количествата медицински отпад, недоволно едуциран кадар за управување со него и минимални услови за чување медицински отпад кој се селектира само меѓу црни и жолти кеси. Посебен проблем се лековите и хемикалиите со изминат рок за кои ревизијата констатирала дека се фрлаат како обичен отпад, а некои и се чуваат по ходници.
Големи неправилности се откриени и кај депониите од, кои некои се премногу блиску до градовите и се шират, каде што се меша и обичен и медицински отпад, при што има опасност за самозапалување, за ширење зарази, така што депониите се голема закана за здравјето на луѓето и за животната околина. Оценето е дека инспекцијата недоволно работи на теренот и од 28 здравствени установи контролата е направена само кај 10, а тоа се објаснува со недоволна екипираност.
За подобрување и унапредување на состојбите, државниот ревизор препорачува Владата да основа депонија за опасен отпад и што е можно побрзо да го донесе планот за управување со отпад за да може да се спроведува стратегијата донесена во почетокот на 2008 година. На Министерството за животна средина му порачува поскоро да ги доврши пропишаните подзаконски акти од кои зависи целосната примена на Законот за управување со отпад, како и поголема контрола на извршените надзори. (Ј.Ј.)
|