Интервју: Васил Зафирчев
Спиноза е улога што може да преврти цел еден живот
Можно ли е елитистичкото во исто време и да е комерцијалното, овие две, само на прв поглед неспоиви нешта да се сретнат на врвот на загатката што за своите херои и претставници секогаш ги одбира автентичните појави и ликови? Таквата дилема постои и сега - книгата, а по се' изгледа и претставата за Спиноза, станаа дел од нашето културно постоење, а евидентен е интересот на публиката.
За претставата владее огромно љубопитство, а убавите зборови деновиве се упатуваат на адресата на Васил Зафирчев, неговите колеги, режисерката Зоја Бузалковска, на костимите на Лира Грабул...
Ова интервју, инспиративно, речиси книжевно, надоен од креацијата за Спиноза, Зафирчев го одговараше во еден здив. За тагата што престанува да биде страдање откако ќе се разбере причината, за блискоста што тој ја оствари со ликот, и пред се', стивнаа ли емоциите по големиот емотивен влог во целиот проект.
Васил Зафирчев, носечки лик во претставата правена според романот на Гоце Смилевски „Разговор со Спиноза“, а во режија на Зоја Бузалковска, по двегодишната актерска апстиненција, создаде вонредна уметничка креација и предизвика фантастични реакции кај публиката Валентина ТодоровскаПоминаа неколку дена од премиерата и сјајните критики на „Спиноза“. Како се чувствуваш сега, откако Спиноза отелотворен во твојот лик почна да живее? Летаргично, испразнето, меланхолично...
- За мене ништо не поминало, се' уште трае, како тукушто да почнало. Со телото и душата јас сум се' уште таму, во таа соба за тага со црно-бел вермеровски под и расфрлани шаховски фигури. Се' уште ја играм партијата шах во која секогаш победува оној другиот и се' уште размислувам за тоа дека се' што било во времето поминало и нема враќање. А чувството кое ми се јавува притоа е меланхолично, исто како она во претставата, и не можам да се ослободам од него. Не дека не можам, туку не сакам, па Спиноза штотуку почна да живее на сцената, а јас сакам само подолго да го продолжам неговото траење... Ова е претстава за животот и во неа животот е сместен во само неколку минути пред смртта. Во оваа претстава не можете да влегувате и да излегувате, вие сте секогаш во неа и таа ќе биде секогаш во вас.
Има ли нешто поубаво и повистинско од тоа?!
Што мислиш колку претставата ќе го има патот што го има книгата - да ни ги открива темните ходници на кажаното, недопреното, а сепак величествено во својата едноставност?
- Да се напише и праизведе драма по појавувањето на еден веќе култен роман, е неверојатно голема одговорност. Иако специфичната драмска структура произлегува од самата идеја на романот, сепак, таа не кореспондира целосно со него. Романот е разговор на читателот со Спиноза, а драмата е циркуска претстава со пет акробатски точки, во која гледачот идентификувајќи се со Спиноза, станува само еден од учесниците во „циркусот“, активно преиспитувајќи ги сопствените животни ставови, постапки и уверувања. Спиноза е претстава за пропуштените можности, за миговите кои можеле, а никогаш не ни се случиле. Таа е обид да се смести сопственото постоење во еден миг и длабоко во себе да се преиспита можноста да се промени својот живот, да се стане поинаков, подобар, друг... Да се победи стравот од смртта, од минливоста и конечноста на постоењето, од престанувањето на мигот, од нештата кои можат да бидат видени, чуени, помирисани, вкусени, допрени, и токму во нив да се пронајде вербата во бескрајот, вечноста и бесконечноста.
Интимно, се смени ли нешто кај тебе? Како што пишува Смилевски - да се осознаат афектите и да се надминат, да се препознаваат и обликуваат нештата според миризбата, па и да се разбие причината за тагата, откако таа ќе се разголи... Колку ти се најде во Спиноза и колку него го имаше во тебе?
- Интимно во мене се сменија многу нешта далеку пред појавувањето на Спиноза како лик, поточно уште по мојата одлука да се повлечам од сцената. Во тие две години отсуство од театарот, интензивно ги преиспитував сопствените ставови за животот и уметноста, за искреноста, посветата и влогот во она што го создавам, наспроти тагата, апатијата и незадоволството од недостигот на адекватни идеи, нови мотиви и вистински провокации за творење. Во таа смисла, јас можеби потсвесно го барав Спиноза во себеси, за Спиноза да ме најде мене, преку визијата на Гоце, замислувајќи го мојот лик при пишувањето на драмата, па се' до режиските размисли на Зоја при креирањето на поделата. Спиноза е најголемата придобивка која можеше да ми ја даде уметноста за сметка на мојот двегодишен аскетизам.
Како го читаше романот, со кое чувство, интуицијата ја откриваше содржината, ликовите, длабината и што беше пресудно да ја прифатиш улогата..? Да речеме креацијата што ја дава овој особен мислител и филозоф, соработката со Зоја Бузалковска, книгата на Гоце Смилевски...?
- „Разговор со Спиноза“ го прочитав веднаш по неговото објавување и го доживеав како разговор со себеси кој возбудува и поттикнува на целосен мисловен и интелектуален ангажман. Роман кој дефинираше еден поинаков сензибилитет и означи едно ново време во современата проза кај нас. Драмата, пак, е една од најдобро напишаните драмски предлошки во последните неколку години. Она што неверојатно ме испровоцира при нејзиното прво читање беше токму нејзината жанровска дефиниција - циркуска претстава со пет акробатски точки. Подоцна сфатив дека токму во тој чуден и навидум несоодветен контрапункт на циркусот со филозофијата и животот на Спиноза, лежи клучот во режискиот концепт на Зоја. Сепак, пресудно за соработката на оваа претстава беше препознавањето, себепредавањето и силната верба во она што го создававме.
Колку си задоволен од соработката со режисерката, се случи ли она преклопување на идеи, инспирации?
- Мојата соработка со Зоја датира од поодамна, уште за време на студиите. Заедно ја работевме „Пиеса бр. 27“ од Алексеј Слаповски, како и дипломската претстава „Дупло дно“ од Горан Стефановски. Подоцна соработувавме и на постановката на „Арт“ од Јасмина Реза во Културниот центар „Точка“. Се познаваме и си веруваме меѓусебно. Соработката со неа е како одење по јаже. Најпрво ве уверува дека можете да одите по јаже, а потоа ве потсетува дека не смеете да паднете од него. А токму во тоа е и провокацијата. Зоја секогаш точно знае што сака. Јасна и прецизна во индикациите и суптилна во сугестиите. Таа е една од ретките која во процесот на работа целосно е во функција на актерот.
Раскажи ни за самото создавање на претставата и ликовите - за сите вас како тим, и се случи ли магијата поради генерациското препознавање? И - колку ти беше драгоцено искуството, работата со Катина Иванова?
- Ретко се случува екипа како оваа. Не само во однос ��а актерите, туку и во однос на другите соработници на претставата. Творевме во извонредно креативна и позитивна атмосфера. Нема поубаво од тоа да работите со луѓе кои, без разлика колку ги познавате, им верувате и се препознавате меѓусебно. Ве обединува една иста цел, идеја, провокација, инспирација... Искуството од соработката со нив е прекрасно, не само професионално, туку и лично, зошто сите тие се уметници со богати внатрешни светови кои ги препознавате во себе, но и ретко убави и добри луѓе кои, секако, го заслужуваат вашето пријателство. Сите веќе ми недостигаат на некаков чуден начин... до следната изведба на претставата...
Спиноза умре млад, а го достигна својот интелектуален максимум. За оваа улога дефинитивно е потребна актерска зрелост, ама и многу љубов. Мислиш ли дека со неа ја достигна својата кулминирачка актерска точка?
- Животот на секој уметник се состои само од неколку точки, кои го дефинираат неговото постоење и се одраз на неговото психо-емотивно созревање и неговиот внатрешен свет. Спиноза за мене е само една успешно изведена акробатска точка. Идејата на оваа професија е во траењето, зашто актерството е маратон. Во него последниот круг го трчаат само најсилните, најистрајните и најпосветените. Трката со себе си, со уметникот во мене продолжува и понатаму, до следниот круг... Секогаш одново, секогаш од почеток, секогаш во потрага по некој друг во мене...
Ме интересира твојот процес на креација - како ти го создаваше ликот, губењето на сопственото по цена на создавање лик со душа и тело? Те смени ли оваа креација и каков процес се случуваше во тебе. Колку си тогаш неприфатлив за околината?
- Во мене се случуваше меланхолија, а надвор од мене самотија. Осама во себе, осама од другите, а најмногу од себеси. За пропуштените мигови, кои можеле, а сепак не се случиле поради моето духовно отсуство и физичко неприсуство во реалниот живот, благодарен сум на разбирањето од моите најблиски, а понајмногу од мојата Опи, која и овој пат на уметникот во мене му даваше неизмерно големо поддршка и верба. Впрочем, како што вели една реплика во претставата: „Не би имало смисла да се пишува заради оние што ги уништува меланхолијата, освен ако списот произлегува од меланхолија. Се обидувам да ви говорам за бездната на тагата, за неискажливата болка која понекогаш, а честопати и трајно, не' обзема се' додека не го изгубиме вкусот на секој збор, на секој чин, самиот вкус на животот!“
Бидејќи толку проникна во ликот, што ти е најинтересно од него?
- Двојната природа на Спиноза, неговата поделеност длабоко во себе помеѓу разумот и страстите. Неговиот очај поради таквата поделеност, но и неговата грчовита борба во одбрана на својот тврдокорен и непоколеблив филозофски став.
Мислиш ли дека тагата создава големи дела и уште поголеми мисли? И, има ли врска чувањето на животната енергија со раѓањето на големите дела?
- Не постои уметност без голема тага. Уметноста се создава токму во обидот на уметникот да ги открие причините за тагата, да ги извади надвор од себе поривите за неговото внатрешно духовно страдање. Постојат улоги кои навистина можат да превртат цел еден живот. Спиноза е една од нив.
По ваков убав работен период, одморот доаѓа како најзаслужена работа. Каде ќе го закотвиш погледот?
- Покрај морето со кое отсекогаш сме биле пријатели...
|