Број 3328  петок, 09 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Магазин

Веселото семејството „Тротоар“

Марко, Ирена, Димитар и Дамјан, на искрен и непретенциозен начин, духовито и шармантно, во својата емисија постојано не' бомбардираат со занимливости и актуелности

Бојан Шашевски

Во последните осум месеци, Марко, Ирена, Димитар и Дамјан, четворицата водители од популарнaта емисија „Тротоар“, на искрен и непретенциозен начин, сосема духовито, лежерно и шармантно, постојано не' бомбардираат со интересни занимливости и актуелности. Во главната емисија во недела во 17,45 часот, но и со и секојдневните кратки дози, тие умешно ја лепат публиката пред ТВ-екраните, со себе носејќи разни досетки, смеа, идеи, притоа успешно зачинувајќи ја и со прилози, вести, интервјуа, посета на локалитети, мини-репортажи од забавен, но и од информативен карактер. Меѓу нив секогаш владее позитивен дух, блик на енергија испреплетена од четири различни индивидуи, не за џабе од многумина се наречени - семејство „Тротоар“. Сакале или не, ќе ви го одземат вниманието. Затоа, решивме да ги седнеме, да поразговараме за нивниот ентузијазам, но и да пробуричкаме низ нештата што ги држат споени заедно.

Секогаш откачениот, никогаш досадниот Марко, добро позната фигура од телевизиските шоуа, рече дека главен виновник за нивното ангажирање е „староседелецот“ на „Томато продукција“, Бане. „Имав контакт со него, седнавме на муабет, а тој имаше некаква замисла, приказна за емисија, па се консултиравме кој би ми биле најдобрите партнери за проектот и, се разбира, за да не им избегам предвреме и да немаме никаков проблем, во замислата влегов и јас. Заклучивме, односно тој заклучи (ха, ха), најдобро е да бидеме неколкучлена екипа. Значи, ’Томато‘ не' спои“, рече Марко, а надоврзувајќи се на него, најмладиот во среќното семејството, 22-годишниот Диме, откри дека дошле на готов, изготвен проект. „Влеговме во концепт кој веќе го започна ’Томато продукција‘. Ми го презентираа - ми се допадна. Лично, брзо се пронајдов во него, па многу лесно одлучив да пристапам кон ’Тротоар‘. Претходно немав никаква врска со ’Томато’“, вели тој.

За разлика од нив, кога и' јавиле за идејата за проектот, Ирена била сосема сигурна дека нема шанси повторно да се појави на телевизија. Меѓувремено ангажирана на друго работно место, со различни бизнис-планови, цврсто решена да се откаже од овој медиум. „Сепак, прекинот се покажа како периодична пауза од ТВ-екраните. Некако успеаја да ме убедат. Решив да пристапам поради суперпродукцијата, добрата екипа, сосема одличен производ“.

И секако, производот е повеќе од одличен. Во текот на разговорот, момците се задеваат меѓу себе, си кажуваа шеги на своја сметка, брзоплето одговарајќи на секое прашање. Не е така лесно човек да ги следи истовремено. Нивната хиперактивност и позитивниот дух ги држи заедно, а различните карактерни особености ја ставаат емисијата на повисоко ниво. Но, дали преголемата енергија и разновидните својства на четворицата им носат меѓусебни недоразбирања, плус, на секого му се случува да стане на лева нога, па интересно беше да се дознае дали имаат чести караници, во „Тротоар“ и надвор од неа.

„Тоа не се караници, туку повеќе се конструктивни расправии“, рече Диме, а Ирена гласно се насмеа. „Не можам да го изговорам, но ќе се обидам да го објаснам ова ’конструктивни расправии’“. „Смеењето на Ирена кажува многу. Таа е добра глумица кога ќе се најдеме на некое интервју. Значи, најмногу карање има помеѓу мене и неа. Имаме сосема различни гледишта на нештата, па со тоа доаѓаат и интензивни моменти. Еднаш, за малку ќе дојдеше и до тепачка меѓу нас. Ирена до толку се изнервира, почна да вика по мене, по што сакаше да си отиде од студиото. Секако, потоа се гушнавме и бакнавме. Значи, се' со цел да имаме поздрав однос“, изјави Дамјан, можеби најумерениот лик во екипата, бивш учесник и во други ТВ-емисии, но и своевремено дел од „Вест“. „Секако... Јас слушам турбофолк, а Дамјан електронска музика. Сакаме да се послушаме, ама некогаш не можеме - не ни иде“, низ смеа додаде 33-годишната Ирена, бивша одбојкарка на репрезентацијата на Македонија. Како што и самите заклучија, функционалноста на „Тротоар“ се должи на генерациската нееднаквост, со горе-долу прилично различни, ведри карактери, па понекогаш, додека ја снимаат емисијата во живо во недела, колку и да е некој нерасположен – другите се тука да ја подобрат атмосферата.

Иако е единственото женско во семејството „Тротоар“, Ирена успешно се справува со момците во екипата. „Супер се чувствувам помеѓу нив. Убаво е да работиш со вакви згодни, интересни, забавни момци. Згора на тоа сум и најстара. Ги стројам како што сакам“, ни рече таа, повторно смеејќи се на духовитата констатација на Марко - „Ирена е женско“. Триесетгодишниот Марко вели дека се дружат и надвор од студиото, барем еднаш неделно: „Најмногу се состануваме јас и Ирена. Ние сме таткото и мајката, па наша должност е да водиме сметка за децата“.

Гледајќи на ангажманите околу емисијата, Ирена откри дека Дамјан и Димитар се најодговорни, најработливи во приказната наречена „Тротоар“ - „Тие најмногу сакаат да се појавуваат на телевизија“.

Иако „Тротоар“ е сосема оригинално издание, неретко ваквите популарни емисии носат своја конкуренција, копија на добро осмислениот концепт. „Во начинот на презентирањето и обработувањето на информациите и прилозите, мислиме дека сме уникатни, единствени во Македонија. Секако, ова не значи дека сме измислиле топла вода, но според многумина она што го претставуваме е прилично оригинално и имаме енормна обврска спрема нашите гледачи“, јасно кажаа „тротоарџиите“, потенцирајќи дека ова не е нивен заклучок, туку, заклучок на луѓето што будно ги следат, гледаат, препознаваат и ја сакаат нивната емисија. „Инаку, имаше спроведено медиумско истражување и, според него, прогласени сме за ’најдобро ТВ-освежување’ во телевизиската сезона 2009-2010. Популарноста и интересот за емисијата добиваат масовни размери. На пример, по двете последни емисии во живо, на нашата ’Фејсбук‘ групата се пријавија повеќе луѓе со желба да присуствуваат на самото снимање на ’Тротоар‘. Сето ова кажува многу“, додаде веселата дружина.

Освен часовите минати снимајќи го „Тротоар“, секој од дружината на соодветен начин го поминува слободното време. Ирена, која е бивша спортистка, освен прошетките со семејството, слободното време го минува следејќи го Светското првенство. Ова е моментална занимација на сите „тротоарџии“, освен Дамјан, кој молчеше додека другите ги кажуваа секојдневните спортски активности. Дознавме дека Диме осум години тренирал фудбал, а Марко редовно оди на пливање, вози ролери, трча покрај Вардар и тренира винг чунг и, како што сам рече, „правам безброј работи што можат да сонуваат фалбаџиите“.

Интересно беше што момците се поделени и имаат различно размислување за ноќната разонода и забавите. Дамјан веќе два-три месеци нема излезено во ноќните клубови. „Дневните кафиња по ’Ленинова’ се доволна разонода и олабавување во слободното време. Градот не ја нуди забавата што ја преферирам. Нема ноќен живот како што сакам јас, како оној во Белград, со нормални, убави луѓе, во клубови кои пуштаат нормална музика, со луѓе кои не се палат на странски диџеи, како што се Ерик Приц и останата компанија. Повеќето „клабери“ не ни ги слушаат ваквите ѕвезди и биле само на еден нивен настап, па веднаш ги ставаат на прво место. Тоа, не можам да го разберам“, рече 23-годишниот Дамјан, посакувајќи барем едно место, клуб, каде што диџеите секоја недела ќе пуштаат нормална, ретромузика - странска музика. Тој нема да забележи доколку тоа биде српска, хрватска, германска или американска. Тотално контрадикторно одговорија Диме и Ирена, за кого Скопје нуди беспрекорна забава и места каде што има добра музика, пријатни луѓе и друштво. „Јас одам каде што сакам, со кого сакам во кое време сакам. Сакам да посетувам рок-места, со рок-музика, исполнети со релаксирани, ведри и отворени луѓе. Има неколку такви клубови, па доста се, јас сум задоволен“, ни вели Марко.

На крајот, тие изразија големо задоволство што ќе стартува нова сезона на „Тротоар“ од септември, со можни мали концепциски измени. „Ние сме тоа што сме и не глумиме лудило пред камера. Затоа има искрена интеракција меѓу нас, а тоа го споделуваме и пред гледачите. Четворица различни луѓе и многу забава. Затоа не' викаат и семејството ’Тротоар‘“, велат тие.


#
Статијата е прочитана 631 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Магазин
Бермуда-парти
Два века ексцентрична гардероба
Интервју
Ненадминлив музички ген
Најтело на најжена
Неделен хороскоп