Постои цела армија млади луѓе, кои имаат тешка задача да ја оправдаат големината на своите родители - музичари и да ја продолжат нивната трага
Александар Митевски
Не случајно велат дека крушата под круша паѓа и тој факт се потврдува и во музичкиот бизнис. Се' повеќе има случаи на млади и талентирани лица на кои критичарите им предвидуваат ѕвездена иднина, а потоа, забележувајќи го нивното популарно презиме, ја забележуваме и нивната фрапантна сличност и сензибилитетот што го носат. Има цела армија популарни млади луѓе, кои имаат тешка задача да ја оправдаат големината на своите музички родители и да ја продолжат нивната трага во музичката историја и не така често признаваат дека тоа славно презиме некогаш значи огромен товар и сопки на патот на нивниот успех. Сепак, гените и музиката го направиле своето што, секако, претставува ново музичко богатство од музичката оставина на легендарните икони.
Во фокусот на јавноста во последно време се наоѓа младата Коко Самнер, девојка на која, дефинитивно, критичарите типуваа дека ќе биде една од прогресивните ударни тупаници на новата музика во 2010 година. Светот го заскокотка дополнително податокот што таа е славната ќерка на ултрапопуларната легенда на рок-музиката Стинг и ќерка на Труди Стајлер. Оваа неуморна и креативна млада дама (19 години) е пред подготовка и промоција на својот нов проект The Constant, кој ќе го издаде во септември со својот бенд I Blame Coco. Во својот креативен набој таа призна дека напишала материјал за два албума и не можела буквално да се воздржи од пишување нови песни. Па, така почетната концепција и песните предвидени за албумот комплетно беа заменети и дополнети со нови во процесот на негова креација. Ова чудо од дете и, според многумина, многу креативен лик, кој пишува свежа музика на 17-годишна возраст, веќе има потпишано одличен договор со „Исланд рецорд“ за издавање на неколкукратни дискографски проекти. Оттогаш целото свое време го има посветено на албумот The Constant и беше стационирана во Шведска со Клас Ахлунд, еден од нејзините продуценти, кои ги остварува нејзините студиски замисли. Несомнено е дека овој албум ќе донесе вистински успех за младата Коко и ќе ја оправда довербата на нејзиниот татко Стинг, кој признава дека ужива во успесите на својата ќерка. Дека станува збор за вистинско уметничко семејство говори и фактот што нејзиниот полубрат Џозеф Самнер е лидер на бендот „Фикшн плејн“, а нејзината полусестра Кејт Самнер е актерка во подем. Нејзината сестра Мики Самнер е филмаџија и актерка, а веројатно слични предиспозиции ќе имаат и нејзините помали браќа Џејк и Џакомо Лук.
Одиме понатаму, со кратката сторија за ѕвездата од 60-тите години од минатиот век, прерано згаснатата музичка ѕвезда Тим Бакли и неговото музикално потомство. Откако стана еден од врвните вокалисти на 60-тите години, Тим се ожени со средношколската љубов и ја доби својата гордост, малиот Џеф Бакли. Нивната љубов згасна и се разведоа еден месец пред да се роди малиот Џеф, кој само еднаш во животот го видел видено својот познат татко и тоа на 8-годишна возраст. Тим Бакли почина од предозирање со хероин на 28 години, а иста трагедија се случи и со неговиот популарен син Џеф, кој имаше 30 години кога мистериозно се удави во реката Мисисипи. Џеф Бакли, кого го нарекуваа и Скоти Мурхед, беше одличен вокалист, композитор и гитарист. Тој со својот специфичен етеричен вокал беше еден од најперспективните изведувачи на својата генерација, а особено го привлече вниманието на јавноста со излегувањето на деби-албумот „Граце“. Овој ценет млад музичар во 1997 година беше пронајден во реката од страна на локалните рибари и во неговиот обдукциски наод немаше знаци на дрога и алкохол како што се веруваше, туку најверојатно станува збор за некаков мистериозен несреќен случај. Интересен податок тогаш изнесе и полицијата, која објави дека тој немал никакви лични предмети и документи, освен три чепкалки за заби во џебот.
Преминуваме кон ќерката на легендарниот Џони Кеш, Розен Кеш, неговата најстара ќерка, која е од бракот со старата љубов Вивиен Либерто. Потоа на Џони му се случи големата љубов Џун Картер Кеш, која беше инспирација за многу музички блага. Розен имаше одлична кариера во кантри музиката и нејзиниот пик на тој успех беше во 80-тите години. Иако таа беше класифицирана секогаш во кантри музика, но, сепак, нејзината музика опфаќа повеќе жанрови како фолк, поп, рок, блуз и, секако, кантри. Една музичка пресвртница за неа беше 1990 година кога со материјалот Интериорс раскрсти со периодот на комерцијални поп-сингли и преминување во една позрела форма. Таа година Розен го заврши својот брак и од Нешвил ја смени својата локација со Њујорк каде што буквално доби нова креативна енергија за пишување и за снимање нови плочи. Оттогаш таа успеа да сними пет студиски албуми, да напише две книги и повеќе кратки стории, кои како есеи беа објавувани во престижните американски списанија. Оваа позната ќерка на Џони Кеш дури во 1985 година доби и награда „Греми“ за I Don't Know Why You Don't Want Me и беше почестена со 9 други номинации во кариерата. Минатата година таа издаде нов албум насловен како The List, кој е вистински музички брилијант. Кога имала 18 години Џони и' подарил на ќерката колекција од 100 вечни кантри песни, кои морала да ги слушне како музичка лектира. На овој албум таа интерпретира 12 песни од нив, по свој избор и во нејзина специфична изведба, која, сепак, има поинаква перспектива кон кантри музиката, скулптурирана со нејзиниот живот во Њујорк, а не Нешвил.
Познат татко и син, кои имаат голема репутација во жанровите што ги изведуваат, се легендарниот Боб Дилан и неговиот талентиран син Џејкоб Дилан. Најмалото од четирите деца на Боб од бракот со Сара Дилан е токму убавецот Џејкоб, кој ужива вистинска популарност во денешната фолк- музика. Без разлика дали со својот бенд The Wallflowers
или со кариерата и со соло- настапите, тој за себе изгради еден мит на мистериозност и недопирливост и целата својата појава и даде своевидна енигматичност, многу слична на онаа што ја поседува неговиот легендарен татко. Инаку, тој се ожени со својата детска љубов Никол Пејџ Дени уште во 1992 година и имаат четири синови. Со нивното затворање кон медиумите и заклучување во стаклено ѕвоно на приватниот живот (ретко може да се види слика од неговите деца и сопругата), најмногу му забележуваат фановите, кои буквално сакаат да дознаат каков било податок од неговиот живот. Џејкоб неодамна го издаде новиот албум Women+Country кого успешно го промовира на тековната голема турнеја закажана по тој повод.
Тука е и синот на познатата некогашна „бубачка”, битлсот Џорџ Херисон, младиот Дани Херисон, кој изгради професионална музичка кариера дури по смртта на својот легендарен татко, копродуцирајќи го неговиот постхумен албум Brainwashed во 2001 година. Тој доби огромни поени во текот на концертот посветен на татко му, на кој учествуваше заедно со Пол Макартни, Ринго Стар и Ерик Клептон. Тој во 2006 година го основа својот рок бенд Thenewno 2 во кој тој е гитарист и главен вокал, а многупати во текот на кариерата ја почувствувал тежината на своето легендарно презиме Херисон. Младиот Дани е производ на љубовта на Џорџ со Оливија Тринидад Аријас и го добил името според две ноти од индиската музичка скала- 'дха' и 'ни'. Тој зеде активно учество во правењето на видеоиграта „Рок бенд“ за „Битлси“ и со своето музицирање и ангажирање успеа да го истурка тој проект и да ги вклучи легендарните колеги на својот татко Пол и Ринго во нејзиното правење.
Единствениот син од бракот на Џон Ленон со Јоко Оно, Шон Ленон, беше затворен во студиските прозорци и снимаше уште од своите 5 години, заедно со својата контроверзна мајка. Тој го фати својот музички пат низ годините и и' помагаше на својата мајка во експерименталните музички проекти што ги работеше, а успеа и да напише песна за албум на Лени Кравиц на свои 16 години. Во последниот период Шон е вистински растргнат од работа и музицирање со својот бенд Cibo Matto, а, исто така, тој е навистина баран продуцент на повеќе бендови и нивни албуми, а негова голема страст претставува и пишувањето на музика за филм. Неговиот полубрат Џулијан, кој е производ на бракот на Ленон со неговата прва сопруга Синтија Пауел и тој вистински ја почувствува магија да музицира со својот легендарен татко. Имено, Џон го презентираше својот мал син на десет години со тукушто купена гитара, а малиот Ленон веќе на 11 години свиреше на албумот Walls and Bridges на Џон. Тој се наоѓа пред издавање на својот петти албум во кариерата по долгогодишна пауза. Овој 46-годишен возрасен човек, кој неодоливо потсетува на Џон, призна дека се оддалечил малку од пишувањето за себе, концентрирајќи се повеќе на фотографија и работење на филм. Јавноста со нетрпение сака да го слушне неговиот следен албум напролет, кој носи наслов Everything Changes.
Синовите на реге-легендата Боб Марли, Зиги и Демијан Марли, се денеска во фокусот на музичкото интересирање и навистина добро им оди во музичката кариера. Најстариот син на Рита и Боб Марли, Зиги, ја продолжи музичката традиција и го обели образот на својот легендарен татко со својата група Ziggy Marley and The Melody Makers. Единствениот вонбрачен син на Боб со убавицата Синди Брејкспир, Демијан, веќе два пати освои награда „Греми“ за најдобар реге албум и тоа е навистина огромен успех за него. Иако тие двајца имаа голем интернационален успех, сепак, уживаат најголема популарност и обожавање до највисок стадиум во родната Јамајка.
Списокот на познати деца-музичари (иако има се' уште и е ненадополнет до крај) го затвораме со Ненси Синатра, ќерка на иконата Франк Синатра, која имаше огромни успеси во 60-тите години, особено со хитот од 1966 година - These Boots Are Made for Walkin. Ќерката на баладерот Френк Синатра го испеа големиот дует со својот татко Сометхин’ ступид и таа песна стана број еден во САД и најдобар дует татко-ќерка во историјата. Таа во поновата музичка историја ја сними одличната преработка на Шеровата Банг Банг и како таква најде место во одличниот саундтрак на Тарантиновиот филмски хит „Кил Бил“.