Карзаи не им верува на изборите
Изборни официјални лица побрзаа да ги прогласат за успешни саботните избори и покрај информациите за измама
КАБУЛ - Главниот портпарол на претседателот на Авганистан, Хамид Карзаи, вчера изјави дека е премногу рано да се суди за квалитетот на парламентарните избори што се одржаа за време на викендот, за што изборното надзорно тело соопшти дека очекува да разгледа илјадници жалби. Авганистанските изборни официјални лица побрзаа да ги прогласат за успешни саботните избори и покрај информациите за измама, слаб одѕив на гласачите и напади од талибанците низ земјата. „Премногу е рано да донесеме конкретно мислење што се однесува до квалитетот на изборите и организацијата, премногу е рано да се дава оцена“, изјави главниот портпарол на Карзаи, Вахид Омер, на конференцијата за печатот во Кабул.
Во неделата Стефан де Мистура, специјален пратеник на ОН во Авганистан, изјави дека е премногу рано да се опишат како успешни, како што некои изборни официјални лица направија веднаш по завршувањето на гласањето во саботата.
Резултатите од изборите внимателно беа следени во Вашингтон, пред планираното ревидирање на воената стратегија на претседателот Барак Обама закажано за во декември, што ќе го разгледа, најверојатно, темпото и обемот на повлекување на американските сили по девет години војна. Оспорените избори, исто така, би можеле да го притискаат Обама кога неговата администрација во ноември ќе се соочи со конгресните избори во средина на мандатот, во услови на намалена јавна поддршка за војната, и со најжестоко насилство досега откако талибанците беа соборени од власта во2001 година.
Надзорното изборно тело, Комисијата за изборни поплаки, вчера соопшти дека примила повеќе од 700 жалби и проценува дека бројката би можела да достигне и до 3.000, бидејќи се очекува зголемување на поплаките во следните два дена. И покрај заканите, обидот за измама, исто така, претставува голема загриженост, со информации за полнење на гласачки кутии, повеќекратно гласање, купување гласови и други нерегуларности што доаѓаат до Комисијата од други места во земјата. (Ројтерс)
|