Министрите во разногласие за крајот на кризата
Бизнисмените не очекуваат скоро закрепнување и покрај поволните статистички податоци
Нина Нинеска-Фиданоска
Економските министри од Владата на премиерот Никола Груевски се во разногласие околу тоа кога ќе заврши кризата во Македонија. И додека новиот министер за финансии, Зоран Ставрески, неодамна најавуваше дека економско подобрување може да се очекува веќе во третиот квартал, неговиот колега, министерот за економија, Фатмир Бесими, е прилично помалку оптимист, потенцирајќи дека скромно заживување на стопанството би можело да има најрано на крајот на годинава.
Министерот за економија е свесен дека кризата во земјава е далеку од фаза на стивнување и покрај поволните податоци кои деновиве ги лиферуваше Државниот завод за статистика, а кои покажуваат дека раководителите на македонските претпријатија во јуни искажале оптимизам околу состојбите во преработувачката индустрија во земјава, оценувајќи ја состојбата како поповолна во однос на претходните месеци.
Според Бесими, најоптимистичка оцена е дека кризата ќе почне да се ублажува кон крајот годинава. Министерот смета дека статистичките податоци не се секогаш релевантни со реалноста во земјава.
„Ако ги гледаме бројките од Статистика, на пример, дека во април се зголемил бројот на вработени, не можам да кажам дека тоа реално ја отсликува состојбата, оти во приватниот сектор, а особено во индустријата и во текстилот има ситуација каде што вработените се праќаат на принудни одмори, кои не се евидентираат како отпуштени во Заводот за вработување“ изјави Бесими.
За разлика од Бесими, министерот за финансии, Зоран Ставрески, неодамна, додека се' уште беше на позицијата вицепремиер за економски прашања, изразуваше очекувања оти негативна стапка на раст на БДП се очекува само уште во вториот квартал, додека во третиот и во четвртиот квартал ќе има заздравување и старт на позитивни економски движења.
Ова покажува дека економските министри имаат различна перцепција на случувањата во Македонија, односно дека не постои усогласеност во владиниот тим околу економските пр��гнози.
Инаку, покрај Бесими, кој не го дели оптимизмот на Ставрески, истото тоа важи и за бизнисмените од државата.
И претставниците на бизнис-секторот сметаат дека економската состојба во земјава не се подобрува. Компаниите имаат финансиски проблеми, па затоа и тврдат дека негативниот тренд ќе продолжи.
Како една од причините што не се оптимистички расположени, бизнисмените го наведуваат и фактот што ќе има доцнење на евтините кредити, кои ги вети Владата за ублажување на последиците од кризата.
„Моментно не се чувствува подобрување и не очекуваме дека ќе има подобрување. Дури и со министерот за економија, Бесими, разговаравме дека доцнат ветените 100 милиони вера, пари од Европската инвестициона банка за мали и за средни претпријатија. Тие ќе се делат во септември, а требаше порано. Значи, недостасуваат финансиски средства во стопанството“, изјави Џемаили Даути, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
На средбата што во саботата ја имаа бизнисмените во општина Чаир со министерот Бесими, побараа да се прифатат мерките кои претходно Владата ги отфрли, со цел да се ублажат негативните последици од кризата. Бесими се заложил дека ваквите барања ќе ги пренесе во Владата.
Но, оттаму засега не размислуваат за донесување нови антикризни мерки. Во Владата велат дека прво ќе почекале да ги видат ефектите од претходниот пакет, па потоа ќе размислуваат за евентуално нови идеи.
Инаку, во првиот квартал македонската економија падна за 0,9 проценти, а сега сите ги очекуваат податоците за вториот квартал. Но, со оглед на лошите бројки во индустријата и во другите сектори, експертите очекуваат негативен раст и за второто тримесечје од годинава, со што и официјално би се прогласила рецесија во земјава. |