Намален извозот на швајцарски часовници
Женева - Светската економска криза ги зафати и производителите на часовници од Швајцарија. Побарувачката на нивните висококвалитетни и ценети производи во првата половина од оваа година падна за четвртина.
Според официјални податоци, во шесте месеци од 2009 година биле извезени швајцарски часовници вредни 4,02 милијарди евра, што е за 1,44 милијарди евра помалку во однос на истиот период лани.
Побарувачката на швајцарски часовници паднала на сите пазари, со исклучок на Јужна Кореја, а најголем пад е забележан во САД (43,3 отсто) и во Саудиска Арабија од околу 30 проценти.
Оваа гранка на швајцарската економија се соочува со намалување на побарувачката од крајот на минатата година. Швајцарија во првата половина од оваа година забележа намалување на извозот и на увозот за 16 проценти, што е најголем пад досега. (Макфакс) |