ИПА-фондовите недоволно се користат
Причините се лоцираат во капацитетите на министерствата, општините и на НВО-секторот
Македонија недоволно ги искористува средствата од фондовите на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Забелешка за недоволното користење на фондовите е испратена од Европската комисија, а на петочната седница на собраниската Комисија за европски прашања ја потврдија и вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски, и раководителот на Секторот за координација на странска помош при Секретаријатот за европски прашања, Орхидеја Каљошовска. Досега биле искористени само една третина од од 40-те милиони евра од ИПА-фондовите, пред се', за зајакнување на капацитетите на институциите.
Според вицепремиерот Наумовски, Македонија може да ги користи сите пет компоненти на ИПА, односно транзиција и институционална надградба, прекугранична соработка со соседните земји, инфраструктурни проекти, социјална сфера и човечки ресурси, поддршка на земјоделството и одржливиот рурален развој. Во наредниот период, приоритетна ќе биде одлуката за пренесување на надлежностите за управување со ИПА-средствата врз домашните структури, надградување на постојните капацитети и системи и вклучување на сите кадри кои ја поминале ИПА-обуката во процесот на евроинтеграции.
ЕУ, преку ИПА-фондовите, има одредено повеќе од 500 милиони евра за развој на Македонија во периодот 2007-2013 година, кои треба да се искористат до 2015 година. Овие средства се неповратни и пропаѓаат доколку не се искористат. Иако Македонија може да ги користи сите компоненти, засега се користат средства од 2007 година само за првата компонента. Според Каљошоска од СЕП, од првата компонента на ИПА се искористени само една третина од средствата, а за останатите компоненти се изготвени оперативни планови кои треба да се реализираат. Втората компонента, меѓугранична соработка со соседните земји, беше неодамна отворена и тоа за проекти за соработка само со Албанија, но не и со Србија, Грција и Бугарија. Иако средствата од ИПА определени за една година се користат во следните две, односно од 2007 година се користат и во 2008 и во 2009, сепак, се поставу��а прашањето колкави се шансите Македонија да ја искористи целата сума од ИПА-фондовите.
Според Наумовски, недоволното користење на фондовите се должи на недоволните капацитети на министерствата, општините и НВО-секторот.
Од Македонскиот центар за европско образование реагираа на оваа изјава на вицепремиерот. Наташа Јованова од МЦЕО укажува дека дури сега започнува проект со кој ќе се зајакнуваат капацитетите на невладиниот сектор со поддршка од ИПА-фондовите. Таа истакнува дека не е в ред да се покажува со прст на НВО-секторот кога невладините организации веќе подолг период се вклучени во Програмите на Заедницата, користат ЕУ-средства и организираат обуки за користење на средствата од ИПА-фондовите.
На забелешка на опозицијата дека не се работи на користење на фондовите, Наумовски одговори дека одобрувањето средства е сложен систем на координирање во кој се вклучени Брисел, Делегацијата на ЕК во Скопје и земјите-членки на ЕУ како партнери на одредени проекти. |