Каков леб, всушност, јадеме?
Основниот прехранбен производ често е непакуван, а диеталниот леб е бел, обоен со боја
Александрија Стевковска
Лебот се' повеќе станува предмет на манипулација и злоупотреба, и од производителите и од трговците. Така, овој основен прехранбен производ може да се најде на пазарот непакуван, иако е законска обврска секоја векна да биде пакувана. Многу често се случува и популарниот диетален леб, всушност, да е бел леб, обоен со боја за да се постигне повисока цена.
Од истражувањата на пазарот направени од една агенција, заклучено е дека не се пакувани сите лебови и од сите производители. Главно, векните леб во големите маркети се спакувани, додека во некои од малите маркети и во другите градови, освен во Скопје, лебот се продава непакуван иако, во согласност со наредбата на Дирекцијата за храна, од 1 јуни годинава сите видови леб мора да се продаваат пакувани и исправно означени. Согласно со таа законска обврска, амбалажата за пакување на лебот ја избира производителот и, согласно со законските прописи, таа не смее штетно да влијае врз производот. Производителот одлучува дали дневниот леб ќе биде спакуван во книжни или во најлонски ќеси отворени од едната страна. Дирекцијата за храна предвидува доколку со затворена амбалажа се менуваат органолептичките својства на лебот, таа да биде отворена од едната страна, но во таква форма што ќе го штити производот.
Освен тоа што на пазарот може да се најде неспакуван леб, исто така, потрошувачите можат да најдат и полуспакуван. Покрај фалинките во пакувањето, пазарот на леб е преплавен и со леб што не поседува декларација, која би ги покажала сите состојки содржани во лебот, податоци за производителот, условите на складирање и други податоци што ќе им даде на граѓаните целосна слика што добиваат за своите пари. Освен тоа, кога се купува леб во мини-маркет, а тој е неспакуван, не се знае кој е производител и треба да се верува на информацијата на продавачот за производителот. Најчесто на фискалните сметки пишува само „леб“, а не и име на производител. На недостатокот на комплетна декларација се приклучуваат и отстапките во тежината на векната од онаа што е назначена.
На декларацијата стои дека лебот тежи 480 грама, 60 повеќе од неговата реална тежина
До надлежните институции, односно до Дирекцијата за безбедност на храната, досега има доставено пријави од граѓаните за овие недостатоци кај лебот, но оттаму уверуваат дека се прават редовни контроли на пазарот.
„Околу 75 отсто од лебот се пакува, што е и законска обврска. Трговците се предупредени да не примаат непакуван леб, а производителите знаат дека лебот пред да биде пуштен на пазарот, мора да се спакува, иако тоа малку ја крева производната цена. Сепак, казните за непочитување на оваа наредба се високи и се движат од 1.000 до 3.000 евра, што на некој начин одговорните за производство и трговија ги тера да го почитуваат законот. Засега се' уште нема казнувања за непочитување на наредбата, иако инспекторите се на терен и прават редовни контроли“, информираат од Дирекцијата за храна. Оттаму, сепак, прецизираат дека најчесто работат по пријава на граѓани, па макар и анонимна.
Боењето на лебот е друг проблем што засега директно во здравјето на граѓаните. Надлежните потврдуваат дека доколку се утврди оти станува збор за фалсификат, односно белиот се продава како диетален, ќе одговара производителот, и прекршочно и кривично. Освен потрошувачите, и некои пекари потврдуваат дека ваквата појава не само што е можна, туку се прави на големо меѓу нелегалните производители на леб, кои работат нерегистрирани и не плаќаат никаков данок.
„Не постои леб што има природно таква црна боја, како што може да се види во продавниците. Тоа е само боја што ја додаваат пекарите за да го украсат лебот. Брашното може да биде потемно, доколку не се прави од зрното на лебното жито, туку од неговата лушпа, но и тоа нема толку црна боја колку што може да се најде во продажба“, велат пекарите. Според нив, и брашното од тип 850 е малку потемно, но не и темнокафено. Од овој вид брашно, но и од трици се прави диетален леб.
И кај нашиот северен сосед, Србија, неодамна беше обелоденето дека нема вистински црн леб во продавниците, а дека црниот леб, кој благодарение на неговата наводна диеталност многу се купува, всушност, се должи на присуството на црна боја.
„Во Правилникот за квалитетот на житата, на мелничките и пекарските производи пишува дека црниот леб се прави од брашно тип 1.100, но тоа не се произведува кај нас. Затоа, вистински црн леб нема, а во понудата има само специјални видови леб, што се бојосува со дозволени природни супстанции. Поради тоа, и на етикетите на наводниот црн леб мора да пишува дека е тоа бојосан или само специјален леб“, обелодени деновиве Ненад Вујовиќ, началник на Земјоделската инспекција во Министерството за земјоделство на Србија. Од Технолошкиот факултет во Нови Сад потврдуваат дека пекарите ставаат пржен јачмен и пржен ’рж, па така се добива производ кој само потсетува на црн леб, но структурата и сите други особини се исти со белиот леб. Самиот пржен јачмен и ’ржта, пак, содржат акриламид, кој е на листата недозволени состојки. (А.С.) |