Оптимистички прогнози за германското стопанство
Иако многумина ја сметаа 2009 година за отпишана, сега се појавија позитивни економски показатели
Во анализите на експертите на „Алијанц“, најголемиот осигурителен концерн на светот, едно сценарио предвидува долга фаза на рецесија, што може да биде предизвикана од повторно разгорување на кризата на банките, од претеран протекционизам или од меѓународни конфликти. Според второто сценарио, пак, по силниот пад, ќе уследи, исто така, силен подем, предизвикан од можеби натамошни конјунктурни програми, од закрепнување на финансиските пазари и од повторно правење балони во одредени области.
Михаел Хајзе, главен економист на „Алијанц“, преферира средно сценарио. „Кога се сретнавме овде пред еден-два месеца, општо беше мислењето дека 2009 година е повеќе или помалку отпишана. Во меѓувреме, има неколку сосема позитивни податоци за конјунктурата. Вториот квартал веројатно ќе биде стабилен, а во втората половина од годинава очекуваме подобрување“, изјави Хајзе.
Овој експерт нагласува дека „подемот доаѓа побргу отколку што многумина мислат“ и во идната година очекува стапка на пораст од 2,7 проценти.
Навистина, има уште многу фактори на несигурност. Како сопирачка за порастот на среден рок можат да влијаат и јавните буџети, оти по широкоградите конјунктурни програми, мора да уследи консолидација на буџетите. Бројката на невработени, според Хајзе, нема да достигне пет милиони. Тој севкупно оценува дека се добри изгледите за умерен пораст.
Во извозноориентираното германско стопанство некои гранки беа особено тешко погодени од падот на побарувачката во странство и кризата остави подлабоки траги отколку во другите европски држави. Треба ли да се извлече поука од тоа? „Деловниот модел за ориентација кон извоз беше многу успешен и мора да го зачуваме. Треба само да го надополниме со стимулирање и поттикнување на домашната побарувачка, за да не правиме толку голема надворешнотрговска нерамнотежа како во минатите години. Итно се потребни нови инвестиции и поголема потрошувачка и кон тоа треба да бидат насочени многу мерки на економската политика“, вели Хајзе, главен економист во „Алијанц“. (Дојче веле) |