Весници на „дигитален киоск“
Преку мобилните телефони и таблет компјутерите како „Ајпод“ читателите во Франција ќе добиваат онлајн изданија
ПАРИЗ - Со намалување на продажбата на весниците и списанијата во богато украсените киосци што ги разубавуваат булеварите во Париз, француските издавачи се надеваат дека планираниот „дигитален киоск“ може да им помогне да ја оживеат нивната судбина.
Издавачите, кои претставуваат осум од водечките дневни весници и неделници во Франција, неодамна соопштија дека формирале конзорциум што ќе го предводи проектот, кој, пак, има цел формирање единствен онлајн- портал што ќе ја продава содржината на публикациите преку мрежата, мобилните телефони и таблет-компјутерите како што е „Ајпод“. Потрошувачите би можеле да ги купат текстовите или претплатите со еден единствено кликнување на глувчето откако ќе отворат сметка. „Идејата е да и' се даде вредност на онлајн-содржината“, вели Фредерик Фило, поранешен уредник во весник, лидер на проектот. „За нас тоа е прашање на опстанок“.
Планот е претставен додека весниците ги преиспитуваа своите дигитални бизнис-модели, кои се' досега, главно, беа градени на веб-страниците поддржани од реклами, што беа бесплатни за корисниците. Со неисполнување на очекувањата од приходите од реклами, некои издавачи креваат наплатни ѕидови, а други ги разгледуваат плановите да им наплаќаат на корисниците за пристап до своите сајтови.
Потребата за нови извори на приходи е особено голема во Франција, каде е мал бројот на читатели на весници, и многу публикации опстојуваат само благодарение на владината поддршка.
Претставувањето на дигиталниот киоск, планирано за следната година, би можело да претставува значајна експанзија на количината на француска содржина зад наплатните ѕидови. Иако голем број француски публикации почнаа да наплаќаат за нивните архиви или други специфични онлајн услуги, тие главно се' уште обезбедуваат бесплатен пристап до информативни стории.
Според плановите опишани од Фило, членовите на групата би ги задржале сопствените веб-страници - веројатно со продолжени наплатни ѕидови, за потрошувачите да не може да се обидат да ги заобиколат дитигалниот киоск за да обезбедат пристап до истата содржина. Тој изјави дека детали, како видови на достапни пакети и цената, не се утврдени.
Додека конзорциумот се надева дека ќе обезбеди повеќе приходи од потрошувачите, постои и друга цел: да се зголеми моќта на членовите против дигиталните центри како „Гугл“ и „Епл“. Издавачите во Франција се вознемирени од фактот дека не им се плаќа кога сервисот за вести на „Гугл“ објавува делови од нивните текстови. Тие велат дека 30-процентната провизија што „Епл“ ја наплаќа за да ги вклучи апликациите на издавачите на своите „ајпод“ и „ајфон еп стор“ е премногу голема.
Фило изјави дека издавачите немаат планови да ги блокираат нивните текстови од „Гугл њус“, како што некои други издавачи направија кога ги креваа наплатните ѕидови.
Дигитален киоск не е само европска иницијатива која има за цел да им дава на издавачите на вести поголема моќ за пазарење. На пример, во Германија весниците и списанијата притискаат за донесување на нов закон за авторско право што ќе им овозможи да бараат од онлајн корисниците на нивните текстови, како собирачите на вести, да плаќаат авторски хонорари. Во Италија, издавачите на весници поднесоа антитрустовска жалба против „Гугл“.
Во САД, е токму спротивното, издавачите се понеподготвени да се соединат за да ги развијат нивните онлајн понуди. Некои аналитичари и извршни директори на весници ги изразија стравувањата дека таквата соработка би можела да ги прекрши законите за конкуренција.
Де Смедт изјави дека мала е веројатноста оти францускиот проект за дигитален киоск ќе го крене црвеното знаме. „Ако од почетокот тие се транспарентни во врска со условите и отворени за приклучување на нови партнери, тогаш тука нема антитрустовско прашање“, рече тој.
Членовите на конзорциумот се весниците од општ итерест „Ле фигаро“, „Либерасион“ и „Ле паризиен“ (кои излегуваат под името „Денес во Франција“ надвор од Париз), потоа спортскиот дневен весник „Л’ Екип“, бизнис магазинот „Ехо“ и списанијата „Л’ Експрес“ и „Нувел обсерватор“ и „Ле поинт“.
Иако Фило рече дека овие публикации претставуваат 85 проценти од кликовите на корисниците на информативните вебсајти во Франција, едно големо име недостасува: „Ле монд“. Тој весник не одговори на барањето за коментар; аналитичарите посочуваат дека по неодамнешното купување на „Ле монд“ од група француски претприемачи весникот можеби се' уште ја формулира новата дигитална стратегија.
(Интернешенел хералд трибјун) |