Врачена наградата „Прозни мајстори“ на Трајче Кацаров
Културниот центар „Феникс“ вчера на свеченост што се одржа во нивните простории ја врачи наградата „Прозни мајстори“ на Трајче Кацаров, која се доделува за најдобра специфична прозна книга од македонски автор објавена минатата година.
Писателот Трајче Кацаров го доби ова признание за книгата „Шешири“, во издание на Центарот за културна иницијатива од Штип, а во образложението на одлуката за доделување на наградата, меѓу другото, се вели: „Прозната книга ’Шешири‘ е конципирана мошне необично и оригинално, како спој на два драмски текста, кои се резултат на прозниот дискурс и стилската определба на веќе афирмираниот поет, прозаист и драмски писател Трајче Кацаров. Темата и во двата текста е универзална, всушност се допира до брачните врски и до вредностите и значењата кои произлегуваат од една социјална средина издиктирани од општествените прилики и особеностите на индивидуата.
Трајче Кацаров црпи мотиви од секојдневното живеење и ги проектира во книжевниот свет како своевидна естетска определба, со нагласени елементи на иронија, гротеска, па се до цинизам. На тој план, авторскиот придонес на Трајце Кацаров е редок, специфичен и несекојдневен.“
Досега наградата „Прозни мајстори“ ја добиле: Ермис Лафазановски, Игор Исаковски, Горјан Петревски, Ким Мехмети, Александар Прокопиев, Томислав Османли и Јован Павловски, а ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје. (Н.П.) |