Витраж
Висечките Европејци во скопски „Рамстор“
Катерина Богоева
На плафон во приземјето во трговскиот центар Рамстор во Скопје, во најголем дел од најфреквентната улица каде дневно минуваат голем број купувачи и продавачи, е поставена изложбата на францускиот фотограф Жан-Марк Карачи. Фотографиите веднаш од влезовите не можат, а да не ги забележат сите, и муабетчиите што тука доаѓаат на кафе или на ручек и старите и млади граѓани кои овде одат и во кино, во игротека...
Изложените 60 фотографии од 31 европски главен град се направени, како што вели авторот, „во ист, реалистичен стил, без културна и социјална обоеност што и дава предност на сличноста во однос на различноста, на ’европејството‘, над разнообразноста“.
„Проектот е уметничка алатка за обединување на европските земји, оние на ЕУ и оние што се' уште не се“, вели тој во уводниот текст што исто така виси над главите на минувачите. Фотографиите се направени во градовите во текот на овој век, на препознатливи, но и на не��оволно познати места. На нив нема вообичаени турканици како во шопинг-центрите, туку „уловените“ минувачи со својата човечка минливост, се во ист простор со стаменоста на објектите, со убавината на скулптурите, возбудата на графитите, со сегменти од парковите, од кејовите на реките.
Делегацијата на ЕУ која ја организира изложбата, посочи и дека осамените урбани луѓе фотографирани од Карачи, изгледаат како кралеви на улиците, кои се движат со гордост во градот што се чини дека им припаѓа ним. „Снимени сами, изолирани од масата, тие луѓе, тие ликови, не знаат дека играат улога без нивно знаење, насочена во нивната природна средина. Но, и дека гледајќи во сликите во проектот никој не може да препознае некоја држава или град (освен самите жители), но секој може да ја препознае Европа во сите нив“.
Самоукиот фотограф Жан-Марк Карачи е роден во Тунис во 1958 година, а од своето рано детство живеел во Јужна Франција, Монтпеље. Негова главна тема на фотографските истражувања секогаш бил човекот, урбаниот дел од човечкото суштество, „урбаното битисување“. Инспириран е од фотографите како што се Анри Картие, Бресон, Елиот Ервит или Рејмон Депардон, и од стилот на американскиот сликар Едвард Хопер.
„Во врска со изборот на локацијата - долго време размислувавме за тоа каде да се постави една ваква специфична изложба со голем број фотографии. Имајќи ги предвид искуствата од други градови и потребата изложбата да биде поставена на фреквентно место со голем број минувачи, како локација се наметна долгиот ходник во ТЦ „Рамстор“. Конечно и во фокусот на Карачи се минувачи кои уживаат во урбаниот простор. Спецификата на оваа изложба е што фотографиите се закачени на плафон. Се надеваме дека минувачите за момент ќе го тргнат погледот од излозите и ќе уживаат во уметност“, изјави Валентин Нешовски, офицер за односи со јавност во ЕУ Инфо - центарот.
А, минувачите навистина погледнуваат во фотографиите. Некои одвојуваат време и ги гледаат од двете страни, други, пак, како на фабричка лента, минуваат, креваат поглед и продолжуваат. Времето е пари особено денеска и особено во шопинг центрите каде е најприсутна потрошувачката грозница. Доколку таму ве пресретне уметноста тоа е добивка плус, и за уметниците и за вас, граѓани на овој век, и кога е над вашите глави.
Проектот „Хомо Урбанус Еуропеанус“ стартувал во јуни 2007 година во Братислава, па следувале: градовите Рига, Вилниус, Софија, Мадрид, Варшава, Рим, Љубљана, Загреб, Белград, Хелсинки, Талин, Рејкјавик, Париз, Брисел, Осло, Стокхолм, Прага, Берлин, Лисабон, Букурешт, Тирана, Будимпешта, Виена, но и Истанбул кој не е главен град на Турција и др. Во Скопје изложбата може да се погледне до средината на март, а на двостраните фотографии се и Атина, Амстердам, Копенхаген, Даблин и др.
И ова искуство и за нас кои стоиме во редот пред портите на ЕУ, е драгоцено. Шопинг центри имаме, а нивниот број се повеќе ќе се зголемува. Секогаш може да се побара и најде одреден дел од просторот за да се вметне некаков културен, уметнички производ, бидејќи најголемите образложенија на граѓаните зашто не одат на изложби, не читаат книги, не гледаат претстави е недостигот на фамозното време. А, време за купување во ваквите објекти секогаш се наоѓа, и пари исто така. Тоа го знаат сите кои барем еднаш влегле во шопинг центрите во поголемите градови.
Потребата да се вметнува уметноста во ист простор со дуќаните со разна стока, не е ништо ново, но новина е токму се поочигледната желба да се трошат дури и неработните недели во шопинг центрите. Уште еден предизвик и за трговците и за културата и уметноста, успешно разработен и во поголемите градови од нашите. Ние не измислуваме топла вода, но барем да ја тераме водата на воденицата на уметноста и културата. |