Препознавам деконструкција на туѓи програми
Иванка Апостолова-Баскар, како една од петтемина кандидати за директор на Театарот за деца и младинци, реагира на нетранспарентноста на програмите од страна на Министерството за култура
Тина Иванова
Театарот за деца и младинци за нов директор го избра актерот Драган Довлев, кој беше вработен во оваа институција. Вчера до нашата Редакција беше испратено писмо од сценографката и костимографка Иванка Апостолова-Баскар, во кое таа како едан од петтмина кандидати што конкурираше за директорка на Театарот, реагира на (не)транспарентноста на програмите од страна на Министерството за култура. Апостолова вели дека преостанатите кандидати не добиле писмено известување дека се одбиени на конкурсот, како и тоа дека Одделот за односи со јавност при Министерството ја објавил оваа информација пред да ги извести останатите кандидати и пред да им даде законска можност за поднесување на жалба.
Од Министерството за култура, пак, велат дека на сите пријавени кандидати на објавениот ко��курс, во текот на вчерашниот ден им било испратено Решение со правна поука, дека против ова Решение може да се поднесе жалба преку Министерството за култура до Комисијата за решавање во втор степен од областа на работните односи на Владата на РМ во рок од 15 дена од денот на неговиот прием.
Апостолова реагира и на анонимноста на Комисијата при Министерството за култура која ги оценувала програмите на кандидатите.
„Се прашувам, зошто Комисијата која ги анализираше и оценуваше нашите пријави и поднесени предлог програми, останува анонимна? Се прашувам кои се тие луѓе, стручњаци, кои ги составиле елаборатите за секој од нас? Зошто овие информации не се транспарентни и објавени?“, се вели во реакцијата на Апостолова. Таа бара предложените програми, на сите пет кандидати кои се пријавија на конкурсот, да се објават во јавноста, па јавноста да се соочи со содржинскиот и стратешкиот пристап во секоја од нив поединечно. „Знаејќи“, посочува Апостолова, „дека на вакви конкурси за водство на државни институции се пријавуваат, пред се, кандидати со партиски грб или друга лоби поддршка“.
Од Министерството за култура, не обелоденувајќи ги имињата на членовите на Комисијата, велат дека Комисијата за селекција на кандидатите за избор на директор на Театарот за деца и младинци која ја формира министерот за култура, е составена од стручни поединци од Министерството за култура од соодветната дејност.
Но, Апостолова вели дека се сомнева и во автентичноста на програмата на избраниот колега. „Во програмата на мојот колега препознавам 50 отсто од содржината на мојата програма, препознавам и од содржината и залагањето на кандидатката од ’Буден театар‘, фрагменти од програмите на колегите од Театарот за деца и младинци, како и од советите на господинот Чадиковски. Препознавам деконструкција на туѓи програми, намери, новини и присвоена содржинска компилација“, пишува Апостолова во својата реакција. Таа истакнува дека се залага за квалитетна уметничка отвореност, за откривање и давање шанса на свежи театарски таленти и сензибилитети, за инспиративни локални и интернационални соработки на Театарот за деца и младинци, за клучен социјален, креативен менаџмент. „Се залагам на македонската детска и возрасна публика да не им се скратени театарските изненадувања и восхитот!“, завршува Апостолова во својата писмена реакција. Но, вели, доколку греши во однос на горенаведеното препознавање и декодирање на програмата на избраниот колега, „тогаш транспарентноста, јавните објави и споредби на елаборатите и програмите, нека ме демантираат и во тој случај искрено ќе им се извинам на избраниот колега и на Министерството за култура“.
Од Министерството, пак, велат дека Комисијата остварила увид во пристигнатите пријави за избор на директор на Театарот за деца и младинци и утврдила дека кандидатот Драган Довлев поседува стручни и професионални квалитети за извршување на функцијата директор, дека ги исполнува општите и посебните услови утврдени во Конкурсот, а неговата програмата содржи прецизни и образложени мерки за развој на установата од сите аспекти.
Инаку, Иванка Апостолова, која покрај сценографија и костимографија се бави и со цртање на стрипови, досега соработувала со голем број режисери, драматурзи и сценографи, меѓу кои и со Матјаз Пограјц, Матјаз Зупанчиќ, Борис Кобал, Јернеј Лоренци, Ален Јелен, Викторија Рангелова, Томаз Топоришиќ, Урса Лобода, Бранко Хојник. Досега соработувала со Словенско младинско гледалишче, СНГ Драма, Лутковно гледалишче, Местно гледалишче, Гледалисче Глеј, Скуц Гледалисче, Љубљана и Турска драма, Скопје. Во рамките на последипломските студии на Одделот за Ликовна антропологија на ИСХ, завршени во Љубљана, ги завршува и модулите Драматургија кај проф. Андреј Инкрет и модулот Сценографија и костимографија кај проф. Јања Корун.
На конкурсот за директор на Театарот за деца и младинци, освен избраниот Драган Довлев, и покрај Иванка Апостолова, се пријавија и актерите Тања Кочовска, Владимир Лазовски и Милијана Ленак. |