Проекција на филмот „Остров“ во „Галерија 7“
Музичкото радио Канал 103 и Компресор - Задруга за Креативна Трансформација, вечерва ги канат љубителите на филмот на премиерата на „Остров“ („An Island“) во режија на Винсент Мун. Проекцијата ќе се одржи во „Галерија 7“, со почеток од 20,30 часот.
Минатиот август, францускиот режисер Винсент Мун и осумчлениот дански бенд „Ефтеркланг“ се сретнаа на остров на данскиот брег. Целта беше да снимат филм. Филм со иста должина како албум, и филм исполнет со настапи, експерименти и соработки. Во текот на тие четири дена „Ефтеркланг“ соработуваа со повеќе од двесте локални музичари, деца и нивни родители, создавајќи нови начини на изведба и интерпретација на песните од нивниот трет албум насловен „Magic Chairs“ објавен минатата година за „4АД“ и „Румракет“.
Винсент Мун е независен филмаџија што создаде мала револуција во односот меѓу филмот и музиката. Стилот што го користи Мун претставува форма на герила кинематографија. Сесиите кои тој ги снима со музичарите се одвиваат на реални и понекогаш многу необични локации. (Т.И.) |