Ќе се менува Законот за слободен пристап до информации
Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер се применува со сите недоследности што ги има, а претставници на Министерството за правда, членови на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации во соработка со невладиниот сектор ќе работат на измените и дополнувањата на Законот, со цел да се подобри тоа што веќе е направено и да се зголеми неговата примена во остварувањето на демократските права. Ова беше речено на вчерашната прес-конференција организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Институтот Отворено општество по повод 28 Септември, Меѓународен ден за заштита на правото за слободен пристап до информации, под мотото „Имам право да знам“.
Заменик-министерот за правда, Ибрахим Ибрахими, истакна дека имплементацијата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер е од голема важност за надминување на антикоруптивните влијанија и појави во општеството. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Доналд Бисон, рече дека обезбедувањето слободен пристап до информациите од јавните институции е камен-темелник на транспарентноста. (П.Р.) |