По 250 евра за разрешените претседатели на изборни комисии
ДИК одлучи да ги почести со по 250 евра претседателите на општинските изборни комисии кои поради нестручно и несовесно работење самата ги разреши неколку дена пред прегласувањето на 15 јуни. Со потпис на претседателот на ДИК, Јован Јосифовски, по 15.605 денари ќе им бидат поделени на експретседателите на ОИК во Тетово, Брвеница, Боговиње, Гостивар, Липково и Сарај. Но затоа, пак, од најавените ригорозни санкции за изборната администрација од ДИК се' уште нема ништо.
Колку за потсетување, во подрачјата за кои беа одговорни разрешените токму на изборниот ден се случија и најголемите незаконитости: кршење и полнење гласачки кутии, кражба на избирачки материјал, насилство на избирачки места, семејно гласање...
Истите износи, 250 евра, ќе ги добијат и поранешните претседатели на Желино и на Маврово и Ростуша. За новоименуваните претседатели на општинските изборни тела ДИК предвидела различни надоместоци. Така, новиот претседател на ОИК Гостивар ќе земе 67.000 денари, а неговиот колега по функција од Желино 31.210 денари.
Во ДИК велат дека ова не се награди, туку казни затоа што на првите луѓе на другите општинските изборни комисии ќе им се исплатат во просек по илјада евра за одработените предвремени парламентарни избори на 1 јуни годинава. Ова е најчестата цифра што фигурира во одлуките на Државната изборна комисија, која за работата на претседателите, замениците и членовите на ОИК определила износи имајќи ја предвид територијата што ја покриваат, односно бројот на избирачките одбори.
Државната изборна комисија веднаш по прегласувањето најави ригорозни санкции за сите државни и јавни службеници кои како членови на општински комисии и на одбори придонеле за инциденти на одредени избирачки локации. Меѓутоа, епилог нема. Според последните информации, ДИК на првата наредна седница ќе расправа за оваа тема потпирајќи се на деталниот отчет од комисиите за тоа како одборите работеле на денот на изборите, како и две недели потоа. (К.Ч.)
|