Шекеринска бара од Велјановски нова расправа за Деловникот
Претседателката на Националниот совет за евроинтеграции, Радмила Шекеринска, вчера писмено побара од спикерот на парламентот, Трајко Велјановски, враќање на Деловникот во собраниска процедура. Ваквото барање се должи на донесените заклучоци на првата седница на Советот одржана на 15 септември, кога бил разгледан извештајот за степенот на реализација на главните приоритети од Партнерството за пристапување.
Шекеринска го информирала Велјановски дека Советот донел заклучок сите институции што се задолжени за реализација на приоритетите да вложат дополнителен напор во претстојниот период за спроведување на мерките и активностите.
„Вториот приоритет во Партнерството за пристапување се однесува на ’промовирање конструктивен и сеопфатен дијалог и постигнување консензус за определени прашања‘ и предвидува Деловникот на Собранието да биде донесен со консензус. Бидејќи новиот Деловник е донесен без учество, ниту присуство на опозицијата, сугерирам во рамките на Вашите надлежности да почнете консултации со претставниците на парламентарните партии“, наведува Шекеринска во писмото. (П.Р.) |