СУЗАН БОЈЛ
Британската ѕвезда ќе му пее на папата Бенедикт XVI?
Шкотската католичка црква изразила желба Сузан Бојл да му пее на папата Бенедикт Шеснаесетти додека е во посета на Британија во септември оваа година. „Сузан Бојл би била прекрасен адут во програмата на посетата и искрено се надеваме дека наскоро ќе можеме да разговараме за нејзиното можно учество“, изјави претставникот за медиумите на Шкотската црква, прецизирајќи дека пејачката се' уште не добила официјална покана.
Желбата на црквата е Бојл да пее на мисата во Глазгов, а папата ќе ја посети Британија од 16 до 19 септември, кога е планирана и негова средба со британската кралица Елезабета Втора, како и посета на Единбург, Кантербери и Ковентри.
Сузан Бојл (49) го отфрли атрибутот „анонимец“ во април 2009 година, благодарение на учеството во музичката натпреварувачка емисија „Британија има талент“. Иако не победи, стекна огромна популарност, најмногу откако 100 милиони луѓе ја погледнаа снимката со нејзината изведба на песна од мјузиклот „Клетници“ на сајтот „Јутјуб“.
Нејзиниот прв албум, објавен во ноември, успеа да се искачи на првото место на листите на најпродавани изданија во Британија. Во САД, само во првите недели од појавувањето, албумот е продаден во рекордни 710 илјади примероци. |