Кризата може да ги зафати Белгија и Италија
Претседателот на еврогрупата, Жан Клод Јункер, кој е и премиер на Луксембург, предупреди дека должничката криза може да ги зафати Белгија и Италија и да предизвика верижна реакција во Европа.
„Банкротот може да ги зарази Португалија и Ирска, но, исто така, и Белгија и Италија поради нивните големи долгови. Во тие земји е можно кризата да настапи и пред Шпанија“, истакна Јункер за германскиот весник „Зидојче цајтунг“.
Според Јункер, доколку приватните кредитори се вклучат во спасувачкиот план за Грција, во најлош случај агенциите за оцена на кредитниот рејтинг можат да ја класифицираат Грција во категоријата на платежно неспособни, што ќе има катастрофални последици за еврото.
„Си играме со оган. Тоа најлошо сценарио ќе има драматични последици и врз други земји од еврозоната, како што се Португалија, Ирска, Белгија и Италија“, истакна Јункер.
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози покажаа решителност во барањето решение за грчката криза. Притоа бил постигнат единствен став дека би требало да се вклучат приватни банки и донатори, врз доброволна основа, во проектите за спас на Грција.
„Грчкиот премиер ја има нашата поддршка“, изјави Меркел по телефонскиот разговор со премиерот на Грција, Јоргос Папандреу. Наведувајќи дека Папандреу е подготвен за битка, Меркел заедно со Саркози, изнесе уверување дека Грција ќе успее да ја совлада кризата во која се најде. Берлин и Париз планираат на претстојниот самит на ЕУ, кој ќе се одржи неделава, да се ангажираат за изнаоѓање реален концепт за спас на Грција. (Дојче веле) |