Британските банки бегаат од еврозоната
Лондон - Водечките британски банки, меѓу кои и Барклис, значително ги намалија износите на необезбедените зајмувања на банките во зоната на еврото, подготвувајќи се за можноста еврозоната да се соочи со европски „кредитен удар“, како резултат на опасноста од неспособност на Грција да ги плаќа своите обврски. Во таа операција, која продолжува и натаму, веќе се повлечени десетици милијарди фунти од банките во еврозоната.
Банкарските извори на кои се повикуваат лондонските медиуми велат дека е „неминовно“ британските банки да прават обиди за минимизирање на можните загуби, доколку ситуацијата во еврозоната продолжи да се влошува. Никој од британските банкари не сака повторување на есента 2008 година, кога неколку банки во Велика Британија се најдоа на раб на целосен крах, поради глобалниот кредитен удар, па мораше итно да се спасуваат со пари на даночните обврзници.
Сегашната ситуација, во која помоќните британски банки ги намалуваат зајмувањата на банките што стојат послабо, потсетува на кризата од пред три години кога запре кредитирањето, иако банкарскиот систем во Велика Британија е финансиски помоќен, отколку оние во Германија, Италија и во Шпанија.
Економските аналитичари во Лондон најмногу стравуваат од ситуацијата со шпанските банки, откако беше објавено дека тие ги зголемиле зајмувањата од Европската централна банка.
Британски банкарски експерти сега првпат предупредуваат дека причина за кризата во еврозоната и за слабоста на еврото се Германија и нејзината економија, а не и онака редовно кревката грчка економија. (МИА) |